КАСАТО ТОРТА…Без печење и без јајца…многу брз и вкусен десерт со бисквити, ореви и желе бонбони…Рецепт на „Кулинарско Катче на СиМ“. Еве што ви е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ:

250 мл млеко
100 г путер (маргарин)
50 г чоколадо (млечно)
300 г бисквити (скршени на 4 дела)
150 г желе бонбони (сечкани)
50 г ореви (мелени)
50 г ореви (сечкани)
50 г брусница
За чоколадната глазура (100 г Чоколадо – млечно и 50 мл слатка павлака).

ПОСТАПКА:

1.Во касерола на тивок оган ги ставаме млекото, путерот и чоколадото. Нека се растопат состојките и тргаме настрана. Смесата нека олади, но не потполно, да биде млако.

2.Сега ги припремаме останатите состојки. Бисквитите ги кршиме на 4 дела и ги ставаме во длабок сад, а потоа ги додаваме и останатите состојки (желе бонбони, ореви, брусница) промешуваме.

3.Млаката течност ја истураме врз искршените бисквити, промешуваме добро со лажица. Нека отстои оваа смеса 5 минути, со повремено внимателно промешување. Сега ги додаваме останатите состојки, добро соединуваме.

4.Оваа смеса ја префрламе во соодветен сад обложен со стреч фолија, убаво рамниме и притискаме со лажицата да се натапка добро смесата. Затвораме со стреч фолија и садот го оставаме неколку часа (или преку цела ноќ) во фрижидер.

5.Потоа тортата ја префрламе врз решетка, ја тргаме стреч фолијата и рамномерно ја истураме чоколадната глазура, која се подготвува со растопување на чоколадото заедно со слатката павлака на тивок оган. Јас декорирав плус со ореви.

6.Нека се стегне глазурата во фрижидер, па сечеме парчиња и уживаме во вкусот на оваа неодоливо вкусна торта во добро друштво.

Забелешка

-Јас се одлучив за брусница, но наместо брусница може да ставите суво грозје, претходно потопено во рум.

-Користев млечно чоколадо кај делот со млеко и путер, и не додадов воопшто шеќер, но доколку користите чоколадо за готвење, може ако сакате да додадете 4 лажици шеќер (или по вкус).

-Може да декорирате како мене (со ганаж) или со шлаг крем. Садот кој го користев е со димензии 20х10 цм.

На здравје! Кулинарско Катче на СиМ