Вкусни бомбици, лапни-голтни. Можете да ги приготвите и во посна варијанта доколку користите посни бисквити и чоколадо за готвење. Вкусот е неодолив. Постапката е брза и едноставна. Може да купите и готови мелени бисквити, па да ги измешате со џем, сок и чоколадо. Ќе извалкате само една чинија.

Потребни состојки: 300 г бисквити со вкус на какао, 150 мл сок од портокал, 1 ванилин шеќер, 2 големи лажици џем од портокал или кајсија, 1 ребро (50 г) чоколадо за готвење, рендана кора од портокал и 1 лажица мед

Постапка: Бисквитите сомелете ги или добро издробете ги, прелијте ги со сок и промешајте. Додадете мед, џем, ванилин шеќер и растопено чоколадо, а на крај и рендана кора од портокал. Убаво промешајте за да се соединат состојките во еднолична смеса. Најдобро е со рака да се замеси добро.

Добиената смеса оставете ја во фрижидер малку да одмори околу 30 минути, а потоа од неа кинете и формирајте топчиња или облици по желба. Додадете уште малку бисквити доколку сметате дека смесата ви е премека.

Топчињата можете да ги валкате во мелени бисквити, кокос, рендано чоколадо, мелени ореви, лешници или нешто по ваша желба. Можете смесата да ја ставите во калап обложен со проѕирна фолија и потоа да сечете парчиња (триаголници, коцки, штангли…).

Може да додадете и друг вид на бисквити и уште 1-2 лажици какао. Ако сакате посладок вкус во смесата може да додадете уште малку шеќер во прав, а исто и чоколадо.