Дома обожаваме леб и разни други печива, па домашните често ме замолуваат да им направам некое вкусно и миризливо лепче. Откога го пронајдов рецептот на Александар за кето леб, ниеден друг не сум подготвила. Лепчето не се меси, смесата се соединува како за колач, а потоа се става на печење и по печењето се премачкува со лук и путер.




Лепчињата се ароматични и многу вкусни, така што со сигурност гарантираме дека едно парче нема да ви биде доволно. Ова е најлесниот рецепт за леб што некогаш ќе го најдете, a на вкус и текстура не се разликува од обичниот леб освен што е стопати повкусен.




Уште се нарекува и „леб од друга планета“ бидејќи подготовката и вкусот е сосема нешто поразлично, што не сте пробале досега. Овој рецепт е испробан и често се прави во нашиот дом. За него ви се потребни малку состојки, а од една количина излегуваат 4 парчиња леб. Доколку сакате повеќе, соодветно зголемете ги количините. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 75 г бадемово брашно, 1 лажичка прашок за печиво, прстофат сол, 1/3 лажичка лук во прав или во гранули, 170 г кашкавал, 1 лажица полномасна павлака, цврст јогурт или крем сирење, 1 јајце, малку копар, 30 г путер, претходно стопен, 1-2 чешниња лук.




ПОСТАПКА: Во eден сад измешајте го бадемовото брашно со 1 лажичка прашок за печиво, прстофат сол (јас додавам и малку повеќе, по вкус) и 1/3 лажичка лук во прав/гранули (може и повеќе за љубителите на лук). Во огноотпорен сад или во ниско тенџере или тавче изрендајте 170 г кашкавал, па додајте 1 полна лажица павлака/крем сирење или цврст јогурт.




Измешајте го кашкавалот и павлаката/крем сирењето додека да се добие еднолична смеса. Ставете го садот со кашкавал на рингла, вклучена на средна температура и со повремено мешање, почекајте кашкавалот да се растопи. Внимавајте да не ви загори.




Кога кашкавалот ќе се растопи и ќе се растегнува при одвојување со лажицата со која мешате, тргнете од рингла и веднаш во него додајте 1 јајце и убаво измешајте го во хомогена смеса. Постепено додавајте го бадемовото брашно со останатите суви состојки и измешајте додека да се добие тесто со мека конзистентност.




Доколку тестото е премногу течно и се распаѓа, додајте повеќе од брашното. Поделете го тестото на 4 еднакви дела и од секој дел обликувајте топче. Топчињата наредете ги одвоени во плех со хартија за печење. Намастете ги рацете со малку масло и сплескајте ги топчињата во круг, со дебелина од половина прст.




Покријте ги лепчињата со уште една хартија за печење и печете во загреана рерна на 180 степени, околу 6 минути. По изминатото време, извадете ја хартијата и допечете уште 6 минути, додека лепчињата да фатат златна и крцкава коричка.

Настрана подгответе мешавина од растопен путер, издробено чешне лук (може и повеќе) и ситно сечкан копар. Кога лепчињата малку ќе се подоладат и ќе може да се јадат, премачкајте ги со лукот, путерот и копарот и послужете ги топли. Деталите погледнете ги ОВДЕ.