На многумина им е познат како „Црн колач без јајца“ или „какао коцки“, а сигурно ќе го најдете запишан во тефтерот на вашата мајка или баба. Името на колачот и не е толку важно, бидејќи толку многу е вкусен и сочен, што единствено на што ќе мислите, е да земете уште едно парче.




Рецептот е многу лесен и брз, а колачот се подготвува од само неколку состојки кои сигурно веќе ги имате во кујна. Се пари од шеќер, брашно, јогурт и какао, а се прелива со чоколадна глазура и се декорира со шлаг или чоколадни струганици. Има повеќе рецепти за овој колач, но сите се речиси идентични, а се разликуваат во мали нијанси. Ќе ви претставиме два од нив:




I РЕЦЕПТ на Милушка Гојковиќ: „Драги мои, вчера би беа на гости децата, ручекот помина и мислев дека со готвењето се заврши. Ама, мојот внук посака десерт. Баба како и секоја баба, веднаш потрчав на „брзиве нозе“ и се сетив на овој лесен колач:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (се мери со чаша од 180 г): 3 чаши шеќер, 3 чаши брашно, 3 чаши јогурт или кисело млеко, 1/2 или 1 чаша масло, 2 мали лажички сода бикарбона и 2 полни лажици какао во прав (јас додадов и една рака сечкани ореви). ЗА ГЛАЗУРА: 100 г чоколадо, 100 г маргарин, 10 лажици шеќер и 100 мл млеко.




ПОСТАПКА: Сите наведени состојки истурете ги во еден подлабок сад и заедно измиксајте ги со миксер додека да се добие хомогена смеса. Матете не подолго од 5 минути, а доколку додавате сечкани или мелени ореви, нив додајте ги на крај и промешајте ги со лажица.




Подготвената смеса излејте ја во плех со средна величина, претходно намастен со путер, па ставете да се пече во добро загреана рерна на 180-200 степени, околу 20-тина минути. Печениот колач избоцкајте го и додека е топол прелијте го со топла чоколадна глазура (сите наведени состојки се растопуваат на пареа или тивок оган). Вториот рецепт:




II РЕЦЕПТ – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 3 чаши јогурт (3х180 г), 300 г брашно, 250 г шеќер, 120 мл масло, 25 г какао, 2 лажички сода бикарбона и путер за премачкување на плехот. ЗА ГЛАЗУРА: 150 г путер, 150 г чоколадо за готвење, 120 г шеќер и 120 мл млеко




ПОСТАПКА: Во подлабок сад ставете јогурт, брашно, шеќер, масло, какао и сода бикарбона, па матете со миксер 2-3 минути. Смесата излејте ја во плех 20х30 см претходно намастен со путер и печете во загреана рерна на 200 степени околу 20 минути.




ЗА ГЛАЗУРА: Путерот растопете го, тргнете го од оган, па додајте чоколадо искршено на коцки, шеќер и млеко, па мешајте додека да добиете мазна смеса. Колачот изладете го па прелијте го со чоколадната глазура. Колачот можете да го послужите со шлаг, а во сезона може да го послужите со бобинки по желба.