Во купот од брзи рецепти за ситни колачи овие ми се омилени, затоа што наједноставно се приготвуваат, се’ се растопува, се мати и излева. Одозгора се прелива со глазура и подоцна само се сечат штанглите и толку.

Потребни состојки:

200 г шеќер
150 мл вода
125 г путер или маргарин
100 г чоколадо
150 г мелени ореви
220 г мелени бисквити (може да варира во зависност од влажноста на бисквитите, а ако правите посни колачи тогаш користете посни бисквити)

за глазура:

100 г чоколадо
3 лажици масло

Постапка:

Во водата додадете шеќер, па ставете на оган да проврие и шеќерот да се растопи. Потоа додадете сечкан путер и искршено чоколадо, па малку мешајте додека и тие да се растопат.

Тргнете од оган и додадете ги оревите, промешајте па додадете ги речиси сите бисквити.

Соединете па доколку ви се чини дека е ретко (а ретко е доколку е како сварен пудинг), треба да е малку погусто, па додадете уште мелени бисквити.
Во еден помал плех, калап или нешто слично, со димензии од приближно 25х15 см или помал, ставете хартија за печење на дното и од страните.

Излејте ја целата смеса и израмнете. Одозгора прелијте со глазура.
Глазура: растопете го на тивко чоколадото со малку масло, па прелијте го одозгора полека и протресете за убаво да се распореди. Колачот оставете го во фрижидер убаво да се стегне неколку часови, па исечете го и послужете.