Анемијата, односно намалено железо во организмот се јавува поради гладување, неадекватна исхрана, некоја болест или состојби кои имаат зголемена потреба за железо (раст и развој кај децата, бременост, крвавење и сл.).

Симптомите најчесто се општа слабост, умор, неподнесување на физички напор, главоболка, бледило, намален апетит, забрзано чукање на срцето, слаби нокти и коса.

Природен лек за слабокрвност е храна богата со железо и фолна киселина. Намирници богати со железо се мешунки (грав, грашок), интегрални житарици, јаткасти плодови, јајца, риба, црвено месо, компир, семки од тиква и сончоглед.

Во исхраната исто така треба повеќе да се вклучи и зелен лиснат зеленчук, морков, грозје, боровинки, црна рибизла, сливи, кајсии, домати, интегрален леб, мед од жалфија или костен.

За да се апсорбира железото, потребно е да се внесува и доволна количина од витамин Ц. Воедно, важно е да се знае дека кофеинот, танините и никотинот ја спречуваат апсорпцијата на железото, па треба да се одбегнуваат црн чај, кафе, алкохол и цигари.

Вино од капини за анемија

Ова вино е богато со витамини и минерали и особено е ефикасно во борбата со анемијата која често ги погодува токму жените. Препорака е да се консумира по 100 мл дневно, половина час пред оброк, барем еден месец декојдневно.

Виното од капини освен железо содржи и други минерали, како и витамини Ц и Б, фолна киселина и пектин. Освен кај анемија, помага и кај проблеми со дигестивен систем, циркулација, регулација на притисок, имунитет.

Цвекло за анемија

Цвеклото е богато со железо, а содржи и состојки кои помагаат во создавањето на витаминот Б12 – важен фактор пак за создавање на еритроцитите во крвта. Црвената боја на цвеклото потекнува од антоцијаните, кои влијаат врз регенерацијата на крвта во организмот.

Најдобро е цвеклото да се консумира сирово. Во сокот од цвекло може да се додаде и лажичка мед или да се комбинира со друго овошје и зеленчук (лимон, јаболка, морков, киви).

Коприва за анемија

Искористете ја пролетта за берење на млада коприва, уште еден докажан “борец” со анемијата. Копривата ја јакне крвта, богата е со железо, калиум, натриум, а содржи и големи количини на витамини А и Ц. Од сите делови најмногу се ценат младите листови кои треба да се берат напролет.

Чајот од коприва се приготвува на следен начин: 2 лажици лист од коприва прелијте со 200 мл зовриена вода. Оставете поклопено 10 минути. Потоа процедете. Би требало да пиете 2-3 шолји чај дневно без да се засладува.