Рецепт и видео презентација на “Идеи за креативци – Направи сама” – Ако имате две јајца, какао и мандарини, направете го овој брз колач за 5 минути. Колачот е превкусен, а толку едноставно и брзо се приготвува. Потребно е сè да изматите, да ги прелиете мандарините и да ставете да се испече.

Додека да сварете кафенце, вашиот колач ќе биде готов. Сигурно ќе ви се допадне, а интересно е тоа што можете да бирате од која страна на колачот ќе јадете, дали од белата или црната. мандарините му даваат дополнителна сочност на колачот.

Едноставен колач за секој ден кој можете да го направите многу брзо. Инспирација за овој колач добив гледајќи неколку различни колачи, па одлучив да направам некоја своја интересна комбинација и на мое големо изненадување, успева и повеќе од тоа. Колачот е фантастичен.

Потребни состојки: 2 јајца, 1/2 чаша (од 200 мл) шеќер, 1/2 чаша млеко, 5 супени лажици масло, 1 кесичка ванилин шеќер, 1 прстофат сол, 1/2 кесичка прашок за печиво, 170 г брашно, 2 лажици какао, 4-5 лажици вода, 4-5 помали мандарини и шеќер во прав за наросување.

Постапка: Во длабок сад за матење ставете две јајца, па со жица-маталка убаво изматете ги. Потоа во нив додадете половина чаша шеќер. Како мерка користев чаша од 200 мл. Уште малку изматете со маталката додека да се растопи шеќерот. Додадете и една кесичка ванилин шеќер.

Откако добро ќе изматите, додадете половина чаша млеко (или 100 мл) и пет лажици масло, па повторно промешајте. Во еден сад просејте 170 г брашно, па додадете половина кесичка прашок за печиво (7,5 г) и еден прстофат сол, па промешајте да се изедначи.

Додадете ги сувите состојки во течните и добро изматете ги со маталката за да нема грутчиња. Ќе добиете многу убава мазна смеса. Потоа, потребни ви се две чинии. Во едната ставете две лажици какао во прав и три-четири лажици вода, а по потреба додадете уште една.

Со жицата за матење промешајте додека да се изедначи смесата, да нема грутчиња и да стане мазна. Во вака разматеното какао додадете половина од претходно приготвеното тесто, па промешајте енергично за да се соедини смесата и да стане еднолична.

Калап со обрач (величина од 20 см) обложете го со хартија за печење и дното наросете го со малку шеќер (една лажица). Четири или пет помали мандарини излупете ги и наредете ги на дното од калапот. Во средината ставете широка, дебела стаклена чаша.

Она што е потребно на крај е едноставно да ги излиете двете смеси: едната со какаото и втората половина од тестото, жолтата смеса. Истурајте ги истовремено, кафеава од едната страна, а жолтата од другата страна, преку мандарините. Или едната па другата, како вам ви е полесно.

Вака приготвениот колач ставете го во претходно загреана рерна да се пече на 180 степени. Во некој помал огноотпорен сад ставете малку вода или во едно метално ѓезве, па ставете го на дното од рерната, додека се пече колачот да испушта пареа и дополнително да го омекне и да не испука.

После 25 минути печење проверете со чепкалка дали колачот е печен. Ако излегува сува, значи дека е готов, па извадете го од рерната. Оставете малку да подизлади, па отстранете ја чашата, а потоа и обрачот. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.