Познатата песок торта може да се направи во посна или непосна варинта, зависи какви состојки ќе користите. Целата е кремаста, нема потреба од печење. Се вари погуст пудинг, се дели на три дела и во секој дел се додаваат состојки по вкус.

Одозгора се украсува со шлаг, а доколку сакате, помеѓу слоевите можете да додадете и некој лешников крем, топено чоколадо или нешто слично за да се збогати вкусот, но верувајте, нема потреба. Целата торта е толку кремаста и вкусна што се топи во уста. Кај мене дома се изеде во рекордно време, буквално за 5 минути.




РЕЦЕПТ 1. ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 литар млеко/ растително млеко, 4 пудинг од ванила, 330 г шеќер или по вкус, 250 г маргарин/путер, 200 г мелени кекси по избор, 200 г кокос, 200 г мелени ореви/лешници/бадеми. И уште: шлаг/чоколадна глазура/рендано чоколадо/сечкани лешници…

ПОСТАПКА: Ова е навистина брз колач кој многу лесно се приготвува и не може да не ви успее. Количината на состојките зависи од тоа колку голема сакате да ја направите тортата, само важно е да се запази нивниот сооднос. Овде се дадени мерки за помала тортичка.




За почеток сварете ги четирите пудинзи, но не според упатството на кесичката, туку во еден литар млеко. Значи, одземете малку од млекото, во него растворете го прашокот за пудинг, убаво да нема грутчиња.

Остатокот од млекото заедно со шеќерот (количината прилагодете ја според ваш вкус) ставете ги на оган. Кога ќе зоврие млекото намалете ја температурата, па полека во тенок млаз и со постојано мешање додајте ја смесата од пудинг.




Варете додека да згусне, а потоа пудингот тргнете го на страна додека целосно да излади. Путерот пенасто изматете го, а потоа во него постепено додајте го изладениот пудинг и матете додека целосно да се соедини.

Смесата поделете ја на три еднакви делови. Во едниот дел додајте кокосово брашно, во вториот дел додајте мелени ореви, а во третиот дел додајте мелени бисквити по ваш избор. Треба да се додадат толку состојки за да се добие доволно цврст крем кој може да се мачка.

Во соодветен сад за торта ставете го прво кремот со биксвити, преку него кремот со кокосот, а на крај кремот со ореви. Одозгора украсете со изматен шлаг или прелијте чоколадна глазура. Декорирајте по желба.




РЕЦЕПТ 2. ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1,5 литар вода или сок од портокал, 500 г шеќер, 2 кесички ванилин шеќер, 6 кесилчки пудинг од ванила (240 г), 500 г посен маргарин, 300 г посна плазма, 300 г кокос, 350-400 г мелени ореви. За глазура: 200 г посно чоколадо и 3 лажици масло.

ПОСТАПКА: Одземете 200 мл од водата за да го растворите пудингот, а остатокот заедно со шеќерот ставете го на оган да зоврие. Со постепено додавање на смесата од растворени пудинзи сварете го густиот пудинг со непрекинато мешање.




Во него додајте го посниот маргарин и мешајте додека целосно да се растопи и инкорпорира. Топлата смеса веднаш поделете ја на три еднакви делови. Во едниот дел додајте 300 г посна плазма, во вториот 300 г кокос, а во третиот дел додајте 400 г мелени ореви.

Во обложен калап за торти редете ги филовите еден врз друг, а одозгора прелијте ја чоколадната глазура (на тивок оган растопете го чоколадото со масло). Тортата оставете ја преку ноќ да се стегне во фрижидер. Деталите од постапката погледнете ги во видеото ОВДЕ.




РЕЦЕПТ 3. ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1,5 литар млеко/ растително млеко, шеќер по вкус, 6 пудинзи од ванила, 250 мл слатка растителна павлака, 2 шлагфикс, 250 г мелени бисквити, 200 г кокос, 100 г мелени бадеми и 100 г чоколадо

ПОСТАПКА: Сварете 6 пудинзи од ванила во 1,5 литар млеко (200 мл млеко се одзема за да се измеша пудингот во прав). Шеќер ставете по желба. Направете шлаг од 250 мл слатка павлака + 2 шлагфикс и измешајте ги со изладениот пудинг. Смесата поделете ја на 3 дела…




Во 1 дел ставете 250 г мелени наполитанки (може било кои бисквити). Во 2 дел додадете 200 г кокос. Во третиот дел ставете 100 г мелени бадеми и 100 г топено чоколадо. Наместо бадеми може ореви, лешници…

Во калап 24-26 см претходно малку намастен, рамномерно се распоредува 1 смеса, врз неа 2, потоа смеса 3. Се остава во фрижидер околу 1 час да се стегне, па се послужува. Ова е втората алтернатива на овој рецепт:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1500 мл вода или сок од портокал, 6 кесички пудинг од ванила, 500 г шеќер или по вкус, 3 ванилин шеќер, 2 посни маргарини (500 г вкупно), 500-300 г посни мелени бисквити, 300 г кокос, 300 г мелени ореви или лешници. За глазура: 150-200 г посно чоколадо, 3 лажици масло се растопуваат и се прелеваат преку тортата. Калапот мора да биде 28 см.




Постапката за приготвување е иста: Се варат пудинзите со водата/сокот и шеќерот, а откако ќе излади, во пудингот се додава пенасто изматениот маргарин. Смесата се дели на три дела и во секој се става кокос/бисквити/ореви. Се филува и се прелива со глазура. По ладењето во фрижидер се сече и послужува.