Фото и рецепт: Бранкица Спасиќ
Превкусно домашно манчмалоу, со идентичен вкус на оригиналот. Излегуваат многу парчиња, не е тешко да се направи и не одзема премногу време. Под овој рецепт може да прочитате уште еден, за помала количина.
Потребни состојки:
6 жолчки
12 лажици шеќер
200 мл ладно млеко
100 мл масло
6 полни лажици брашно
3 лажици какао
½ прашок за печиво
за шам:
6 белки
12 лажици шеќер
4 лажици вода
10 лажици шеќер
Постапка:
Пенасто изматете 6 жолчки со постепено додавање на 12 лажици шеќер. Кога шеќерот ќе се растопи и смесата ќе згусне и побели, додајте 200 мл ладно млеко и 100 мл масло. Промешајте.
Низ сито просејте 6 полни лажици брашно, 3 лажици какао и половина кесичка прашок за печиво. Убаво промешајте за да се изедначат состојките.
Добиената смеса излејте ја во намастен и наросен плех со брашно (вишокот истресете го), па ставете да се пече во загреана рерна на 200 степени околу 15-20 минути.
За шам: На оган ставете 4 лажици вода со 10 лажици шеќер. Загревајте постепено додека шеќерот да се растопи и да се добие сируп.
Пенасто изматете 6 белки со постепено додавање на 12 лажици шеќер. Матете додека шеќерот целосно да се растопи и да се добие цврст снег.
Млакиот шеќерен сируп постепено додавајте го во тенок млаз додека непрестајно го матите снегот од белки.
Кората извадете ја од рерна и намалете ја температурата на 130 степени. Врз кората рамномерно распоредете го шамор, израмнете и вратете го во рерна да се допече уште 5-10 минути. Кога е готов колачо направете чоколадна глазура по ваш избор и прелијте врз шамот.
Рецепт 2: Состојките се однесуваат на помал калап.
Потребни состојки:
4 жолчки
1 чаша (од 200 мл) шеќер
1 чаша млеко
1 чаша брашно
½ чаша масло
1 прашок за печиво
1-2 лажици какао
За крем:
4 белки
5 лажици шеќер
1 ванилин шеќер
За глазура:
1 чоколадо за готвење
1-2 лажици масло
Постапка:
Пенасто изматете ги жолчките со шеќерот, па додајте ги останатите состојки. Оваа смеса печете ја околу 40 минути на 180 степени.
За крем: Изматете ги пенасто белките, постепено додавајќи ги шеќерот и ванилата.
Кога ќе се испече пандишпанот, врз него распорете го изматениот крем и печете уште 5 минути. На крај прелијте ја глазурата.