Рецептот го добив од пријателка која го имаше запишано како Сникерс колач, па така го запишав и јас.

Колачот е онаков, баш чоколаден со кикирики. Кремот е мек и доста сочен. Препорачувам добро да се излади во фрижидер пред послужување, а потоа по едно парче во чинија, може со топка сладолед или шлаг.

Потребни состојки за сите три кори:

6 белки,
8 лажици шеќер,
150 г мелени кикирики,
3 лажици брашно,
2 лажици какао,
½ кесичка прашок за печиво, 5 г.

За крем:
6 жолчки,
1 цело јајце,
2 лажици какао,
6 лажици шеќер,
3 лажици млеко,
125 г путер/маргарин,
100 г млечно чоколадо, било кое

Постапка за корите: одвојте ги белките од жолчките, па изматете ги во цврст снег со постепено додавање на шеќерот. Матете додека тој убаво да се растопи.

Потоа постепено додајте брашно помешано со прашок за печиво, какао и на крај мелени кикирики.

Промешјате внимателно со лажица, за да остане воздушесто. Смесата поделете ја на три делови, но и не мора, главно, од оваа смеса испечете три кори во загреана рерна на 170 степени по 15 минути.

Јас ја испеков одеднаш на 180 степени, а потоа ја пресеков по должина и добив три тенки кори. Плехот е нешто помал од 25х20 см.

Доколку имате нешто поголем плех, тогаш количината за кора зголемете ја за 2 јајца, а останатите состојки за по 1, кикириките може да останат 150 г а може да додадете и 200 г.

За крем: во тенџере ставете ги жолчките и едно цело јајце, какао, шеќер и млеко. Сварете го кремот на пареа со постојано мешање 15-20 минути. Додајте чоколадо искршено на коцки и мешајте додека да се растопи.

Оставете го кремот да излади, па соединете го со пенасто изматен путер.

Филот поделете го на 3 делови. Редете: кора-фил, трипати. Оставете преку ноќ за да можат корите да го впијат филот и да омекнат. Одозгора наросете крупно сечкани кикирики.

Domacirecepti.net