Многу е лесна подготовката, не можете да погрешите, а ќе добиете прекрасни бисквитни колачиња, идеални за кафе или чај.

Потребни состојки:

125 г маргарин или путер
50 г шеќер во прав
2 кесички ванилин шеќер
50 г пудинг во прав (вкус по избор)
125 г брашно

Постапка:

Според вкусот на пудингот што ќе го одберете, ќе добиете и такви бисквити: со вкус на ванила, чоколадо, јагода, карамел, малина…

Сите наведени состојки убаво измешајте ги во еден сад. Треба да добиете мазно тесто. Тестото завиткајте го во проѕирна фолија и оставете го во фрижидер околу половина час за да се стегне.

Потоа уште еднаш премесете го, па обликувајте тенок ваљак. Од него сечете мали парчиња, формирајте ги во топчиња, па притиснете ги одозгора со виљушка за да се добие шара.

Ако сакате да ви бидат како професионални купечки бисквити, можете да ги притиснувате во долната преграда од калапот за сечење варени јајца. Меѓутоа, и со виљушката се прават многу добри шари.

Приготвените колачиња редете ги врз плех кој претходно сте го обложиле со хартија за печење. Рерната загрејте ја на 180 степени, а бисквитите се печат само околу 5-7 минути во зависност од рерната.

Значи што се однесува до пудингот, може да се користат разни вкусови, со тоа што треба да се води сметка да не се препечат и пудинг биксвитите да останат бели/светли.

На насловната фотографија се бисквити направени од ванилин и чоколаден пудинг.