Чоколадна торта со бисквити, без печење, мека и се топи во уста, а убаво се сече…Брзо и едноставно се прави! Фото и рецепт: Верица Николиќ. Оваа торта многу брзо и едноставно се приготвува, а покрај тоа не се пече…
Потребни состојки:
1,2 литар млеко
12 лажици шеќер
200 г пудинг од ванила
2 лажици густин
150 г путер
200 мл слатка павлака
200 г мелени бисквити
100 г црно чоколадо за готвење
5-6 капки есенција од мента
за глазура:
100 г црно чоколадо
100 г млечно чоколадо
200 мл слатка павлака
Постапка:
Од 1,2 l млеко одвојте 400 мл. Во преостанатото млеко додајте шеќер, па ставете го на оган да зоврие.
Мешавината од пудинг и густин разматете ја со одвоеното млеко, па истурете ја во зовриеното млеко со постојано мешање додека да згусне (исто како што се подготвува секој пудинг).
Тргнете го пудингот настрана и веднаш во него ставете исечкан путер и изматете за да се растопи и соедини со него. Потоа додајте ја слатката павлака и убаво промешајте за да се изедначи.
Добиената смеса не чекајте да излади, туку поделете ја на три дела.
Во првиот дел додајте 200 г мелени бисквити, во вториот дел 100 г чоколадо претходно растопено на пареа со 2 лажици млеко, а во третиот дел додајте есенција од ментол (или кој сака може ванила).
Секој дел добро соединете го со додадените состојки.
Калап со обрач 26 см обложете го од страните со проѕирна фолија. Од првиот дел со бисквитите формирајте кора, па потоа нанесете го вториот слој и на крај третиот дел. Секој дел со лажица убаво распоредете го за да се формира кора.
Глазура: во помал сад искршете ги двете чоколади. Слатката павлака загрејте ја на оган, но внимавајте да не ви зоврие.
Врелата павлака истурете ја преку чоколадите и со жица за матење добро соединете. Кога ќе добиете мазна и сјајна глазура прелијте ја преку тортата.
Тортата ставете ја во фрижидер, најмалку 5-6 часа а најдобро преку ноќ. Потоа извадете го обрачот и тргнете ја фолијата, па послужете ја тортата.
Кој нема калап за торта со обрач, може истата постапка да ја направи во плех со димензии 30х20 см и на тој начин ќе добие преубави кремасти коцки.
Фото и рецепт: Верица Николиќ