Фото и рецепт: Родна Трпеска
Потребни состојки:
350 г брашно
200 мл јогурт
150 мл масло
1 јајце
1 лажичка прашок за печиво
За шербет:
400 мл вода
300 г шеќер
1 лажица лимонов сок
Постапка:
Прво се вари шербетот од 400 мл вода и 300 г шеќер. Се вари 15 минути па се додава 1 лажица лимонов сок. Се вари уште 5 минути. Додека да биде готова баклавата, шербетот би требало да излади.
Се замесува тесто од 350 г брашно, 200 мл јогурт, 150 мл масло, едно јајце и една чајна лажичка прашок за печиво. Тестото се меси минимум 3 минути. Се дели на 11 топчиња. Се покрива со чиста кујнска крпа и се остава половина час да одмора.
Секое топче со оклагија се развлекува во кора со величина од 20 см. Се редат врз друга, па тестото се развлекува со оклагија во тенка кора со дебелина од 4 мм.
Со калап или чаша се вадат кругови, а на секој круг се ставаат малку издробени ореви и бадеми, се преклопува на половина, па краевите се затвораат со прсти. Не стискајте многу силно, бидејќи целта е кога ќе се печат малку да се отворат. Секоја дилбер баклава се премачкува со растопен путер (околу 100 г).
Се печат на 200 степени околу 25 минути, во зависност од рерната. Се вадат од рерна и се оставаат 1 минута, па потоа се полеваат со шербетот, малку по малку.
Се наросуваат со микс од фстаци и кокос.
Остатокот од тестото додека се вадат кругови може да го фрлите, а може и да го направите како растурена баклава: се сече и се реди во друго помало тавче, се нафрлаат ореви одозгора па се пече и попарува со шербет.
Дилбер баклава (Фото и рецепт: Родна Трпеска)