Рецепт на Бојана. Ова е еден од најдобрите посни рецепти кој вреди да се проба. Домашните го обожаваат, па често ги приготвувам и кога не се пости. Правам голема количина зошто колку и да направам, малку ни се. Кој не ги испробал, не знае што пропушта. Може и да се замрзнуваат, па да си вадите кога сакате.




Во време на пост најмногу одговараат со компир пире, но многу се вкусни и во сендвичи и кога се комбинираат со разни сосеви или салати. Она што е одлично кај овие плескавици или ќофтиња (како сакате наречете ги) е што се многу здрави. Можете да ги пржите или да ги печете. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 400 г пченични или јачменови снегулки, 280 г кромид, 4-6 чешниња лук, 1 мала лажичка црвен лут пипер, 1 голема лажица црвен благ пипер, 1 голема лажица магдонос, сол и мелен црн пипер по вкус, 1 голема лажица маслиново масло, 1 лажица обично масло




ПОСТАПКА: Ставете во едно тенџере вода на оган, па откако ќе зоврие ставете ги пченичните снегулки и варете ги 2-3 минути. Ако ви остане вода, процедете ја, но најдобро е да ги оставите снегулките убаво да набубрат додека ги приготвувате другите намирници.




Кромидот исчистете го и многу ситно исечкајте го или изрендајте го, а доколку имате „сечко“ употребете го за најдобар резултат. Во широка тава загрејте една лажица масло па запржете го сечканиот кромид.




Издинстаниот кромид додајте го во сварените (и исцедени од вишокот течност) пченични или јачменови снегулки, па додајте многу ситно сечкан магдонос и неколку чешниња лук провлечени низ преса или изрендани.




Во мешавината додајте ги сите зачини (освен наведените може да додадете и некои зачински билки по ваш вкус). Потоа добро измешајте ги состојките, најпрво со лажица, а потоа со раце. Смесата мора добро да се измеси со рацете за да стане компактна и да се соединат состојките.




Ова е добро да се направи додека снегулките се сè уште топли, бидејќи тогаш поубаво се замесуваат. Доколку варите цела пченица или некоја друга житарица, тогаш најдобро е да ја сомелете машински или во блендер. По желба може да додадете и мелен сусам.




При месењето, во смесата додајте една супена лажица маслиново масло за подобро „да се врзе“. Доколку случајно смесата ви излезе повеќе влажна, тогаш додајте малку лебни трошки до посакуваната густина.




Со намастени раце формирајте плескавици или ќебапи, помали или поголеми по ваш избор. Овие плескавици се пржат на малку масло загреано на умерена температура. Важно е оганот да не биде премногу силен, а плеска вицата да се преврти само кога ќе биде добро пржена од едната страна.




Ако ја свртите прерано, тогаш може да се случи плескавицата да се распадне. Пржените плескавици редете ги врз хартиена салветка за да се впие вишокот маснотија. Исто така, плескавиците може да ги наредите во плех обложен со хартија за печење и малку намастен, да ги намачкате со малку масло одозгора и да ги испечете на 200 степени додека малку да заруменат. Постапката погледнете ја ОВДЕ.