Фото и рецепт: Лидија Араповиќ

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 5 јајца (по можност домашни), 1,5 чаша шеќер (300 г), 1 чаша, јогурт (200 мл), 1 чаша масло (170 мл), 2 чаши брашно (270 г вкупно), ½ прашок за печиво, 400-500 г вишни, малку шеќер во прав за наросување. Се користи 1 чаша од 200 мл како мерка.

ПОСТАПКА: Одвојте ги белките од жолчките во посебни садови. Белките изматете ги со електричен миксер во цврст снег, па постепено додавајте шеќер. Матете со миксерот додека да се растопи шеќерот, а снегот од белки да стане толку цврст и сјаен, што кога ќе го превртите садот, нема да паѓа.

На страна изматете ги жолчките додека да побелат и да се згуснат како крем, па потоа миксерот оставете го настрана. Изматените жолчки постепено додавајте ги во снегот од белки, додавајте ги го со лажица и внимателно мешајќи за да остане смесата воздушеста.

Постепено додавајте ги и останатите состојки (јогуртот и маслото во тенок млаз додека полека мешате со превртување на лажицата, брашното во неколку наврати и прашокот за печиво) и полека соединете ги. Кога ќе стане смесата хомогена, излејте ја во намастен и набрашнет плех.

Врз тестото ставете вишни (свежи, од замрзнувач или од компот) кои се малку исцедени од вишокот сок. За вишните да не ви останат на површината или да не ви паднат долу на дното, само малку со врвот на ножот побутнете ги надолу за да пропаднат во тестото.

Ставете го колачот во загреана рерна на 200 степени, па намалете на 180. Колачот брзо е готов, а тоа се гледа по тоа што ивиците од тестото започнуваат да се одвојуваат од садот. Потоа изладете го колачот, па обилно наросете го со шеќер во прав и исечете на коцки.