Постојат многу рецепти за домашни сладоледи и сите ги испробував, но никако не ми се доипаѓаше ниту еден.

Купечките сладоледи се многу вкусни и примамливи со сите оние неодоливи вештачки вкусови, но, токму поради сите тие адитиви и големата количина на шеќер, секогаш се обидував на своите деца да им приготвам домашен сладолед, некоја поздрава алтернатива на оваа летна слатка…




Меѓутоа, како што реков, никогаш не бев задоволна целосно од рецептите кои досега ги испробав… сè до овој рецепт кој го добив од една повозрасна жена, пријателка на мајка ми.




Епа можам да ви кажам дека овој сладолед е дури и повкусен од купечките, барем јас бев воодушевена, а и сите мои дома што го пробаа. За да го приготвите потребни ви се само четири состојки.




Потребни состојки: 400 мл слатка павлака за шлаг, 2 чаши кисела павлака (2 х 180 г), 5 јајца и 10 лажици шеќер (наместо шеќер можете да користите и некој друг природен засладувач, доколку го одбегнувате белиот шеќер)




Постапка: изматете 400 мл слатка павлака со електричен миксер додека да добиете мек крем, а потоа додајте ја киселата павлака. Матете уште кратко колку да се соединат состојките и да се изедначи кремот.




Во друг, посебен сад, изматете ги јајцата со постепено додавање на шеќерот. Матете непрекинато со миксерот додека шеќерот целосно да се растопи и да добиете густ крем.

Е сега, во оригиналниот рецепт не се обработуваат термички јајцата, туку откако убаво ќе се измиксаат, постепено се додаваат во претходниот крем од павлаките и се соединува, по што се смрзнува.




Доколку сепак не сте сигурни и сакате јајцата термички да ги обработите, тогаш нив најпрво пригответе ги, па дури потоа изматете ја павлаката. Имено, откако ќе ги изматите јајцата, ставете ги во некој помал сад кој може да стои врз некое тенџере во кое вари вода.




На овој начин, сварете ги јајцата врз пареа со постојано мешање, некои 6-7 минути, а потоа добиениот крем оставете го целосно да излади пред да го соедините со изматените павлаки.




Значи, откако сте ги изматиле јајцата (за што ви се потребни 10-тина минути), добиениот крем соединете го со претходно изматениот крем од слатка павлака и кисела павлака.

Оваа смеса доколку сакате можете да ја поделите на два или три дела. Може да додадете чоколадо, некое овошје, кршени наполитанки, сок од портокал, лимон, некои бобинки, кокос, џем, слатко или што и да сакате по ваш вкус.




Смесата ставете ја во посебен сад и ставете ја во длабоко замрзнување. Некои практикуваат после половина час од мрзнењето, смесата уште еднаш да ја изматат со миксер, и ова да го повторат уште еднаш или двапати, пред целосно да се формираат кристалчињата.




На овој начин се разбиваат големите кристали и се добива помазна структура на сладоледот. Но, доколку немате време, доволно е смесата да ја оставите во замрзнувач, и после два часа ќе добиете многу фин, мазен и воздушест сладолед (јас така правам и супер излегува).