Порано нашите предци имале обичај да собираат разно диво овошје, започнувајќи од диви круши и јаболка, па завршувајќи со дренки и трнинки, а истите ги полнеле во буриња и ги налевале со вода.




Овошјето секако било непрскано, исто како и соте диви шумски плодови. Не се користеле никакви други додатоци, ниту конзерванси, ниту шеќери. Оваа течност се точела исто како што се точи на пример јувата од кисела зелка, а како се трошела, така и се надополнувала.




Денес оваа витаминска вода ретко кој ја прави, а во урбаните средини речиси е непознатица и никој не слушнал за овошната туршија дека воопшто постои. Оваа овошна вода била витаминскиот тоник на нашите баби и дедовци со кој го одржувале имунитетот и здравјето.




Наведените состојки се за големо буре, но овошната туршија може да се приготвува и во многу помали количини, на пример во тегли од три или пет литри, или во пластични буриња од 10-тина литри.




Дури ниту односот на овошјата не е толку важен. Се става вид и количина на овошје колку од што се има. Овој рецепт што ќе прочитате подолу е стар рецепт, сочуван од дамнина, пишува НМД.мк




Потребни состојки: 5 кг диви јаболка, 5 кг диви круши, 3 кг шипинки, 5 кг мушмула, 4 дуњи, 1 кг суви сливи, 200 г смрекинки, 50 литри вода

Освен наведеното овошје можете да ставете било каков друго есенско овошје како трнинки, дренки и слично. Сите плодови убаво измијте ги и исчистете ги, па ставете ги во буре кое ќе го користите исклучиво само за оваа намена.




Овошјето обично се бере и се става во текот на неколку седмици, почнувајќи од октомври па до ноември, во зависност од сезоната на поединото овошје. Потоа се прелива со вода и се потиснува со пластична мрежичка-потисок, исто како за кисела зелка.




Ова е потребно да се направи за да се спречи овошјето да исплива на површина, па затоа мора да се потисне со некоја тежина (може да користите камен, шише полно со вода и слично).




Се затвора со капакот и се остава да отстои додека да созрее околу 35-40 дена, со повремено проверување дали овошјето е потиснато, дали мрежата е на место, а може да додавате и овошје кое не сте го додале на почетокот итн.




После овој период на зреење, се точи од овошната вода по потреба, се процедува и се засладува по желба со мед. Колку вода сте одлиле, треба толку да додадете, па така имате постојано овошна вода, речиси не се менува ниту по вкус, ниту по квалитет сè до пролетта, следната година. Ако дневно излевате по 1,5 литар течност, исто толку треба да додадете.




Созреаната овошна вода има киселко-слаткаст вкус и како што велат, малку „режи“ како да е газирана, а не е..ароматична е, освежителна и вистинско богатство од витамини, билни киселини, горчливи материи и други лековити својства, кои од овошјето (диво и непрскано) преминуваат во напитокот.

фото Светлана Максимовиќ

Ова е мудрост на нашите предци кои некогаш одамна ја измислиле. Пријатен напиток, на здравје да ви е на сите што оваа есен ќе си ја направите овошната вода.
Оваа количина е доволна за едно семејство, а кој сака може да си намали на 10, 20 литри, само потребно е да има доволно овошје за да биде водата ароматична.

Овошната вода во себе содржи и минијатурна количина на а лкохол, речиси незначително (не е како виното), па може да ја пијат и деца. Единствено треба да внимавате да не ја фати топло за да не скисне, зошто тогаш ќе се претвори во оцет. Но, и во таков случај, ќе добиете превкусен и лековит оцет кој ќе можете да го користите исто како и јаболковиот.

фото Светлана Максимовиќ