Знам дека има мноштво рецепти со тиквички, едноставно не може летото да помине без нив. Не само што се многу вкусни и може да се приготвуваат на 1001 начин, туку се и многу здрави. Еве еден мој придонес со рецепт кој го прочитав од списание. Мене многу ми се допадна, а се надевам и вам ќе ви се допадне, затоа што е брз, едноставен и многу вкусен – Тамара.

Потребни состојки за 3 лица: 3 тиквички малку поголеми, 2 лажици маслиново масло, 3 млади лукчиња или кромитчиња, 1 помала китка свеж босилек, 150 г рендан кашкавал, 2 јајца, 100 мл неутрална течна павлака за готвење, 2 чешниња лук, малку мускатно оревче, сол и црн пипер по вкус, по желва магдонос или власец, 2 лажици пармезан

Постапка: веднаш вклучете ја рерната да се загрева на 200 степени. Тиквичките измијте ги, исцедете ги (исушете ги) и исечете ги на тенки плочки. Посолете ги. Исечкајте го младото кромитче, исечкајте го босилекот и изрендајте го кашкавалот.

Ако тиквичките испуштиле сок, малку исцедете ги, па помешајте ги со сечканото кромитче/лукче, босилекот и кашкавалот. Садот во кој ќе ги печете премачкјате го со оние две лажици масло.

Рамномерно распоредете ги приготвените тиквички. Изматете ги јајцата, додајте ја течната павлака за готвење, сечканото лукче, малку посолете и запиперете по вкус, па додајте и малку рендано мускатно оревче.

Сето ова прелијте го врз тиквичките. Ставете да се пече во загреана рерна околу 15-тина минути, па потоа наросете рендан пармезан и допечете уште 5 минути колку убаво да зарумени.

Можете да го послужите како самостојно јадење или како прилог. Наместо тиквички на ист начин можете да приготвите и модар патлиџан. / Тамара / Сооlinarika.com Прочитајте го и следниот рецепт кој е многу сличен на овој:

Толку вкусен ручек, а направен од толку малку намирници досега не сум јадела
Брз и едноставен ручек со летни продукти кој верувам дека на сите ќе ви се допадне. Состојките дадени во рецептот се однесуваат за количина која е доволна за едно лице, а вие според потребите, зголемете ги количините на состојките.

Потребни состојки (за едно лице): 1 поголема тиквица, по желба колку што сакате рендан кашкавал, 1 јајце, 3 лажици кисела павлака, малку сол, сув зеленчук (вегета) или зачини по ваш вкус

Постапка: тиквичките исечкајте ги на тркалца и наросете ги со вегета. Доколку се млади нема потреба од лупење, само отстранете им ги краевите. Огноотпорниот сад намастете го со малку маслиново масло или путер.

Потоа наредете еден ред тиквички така да го покриете дното, па врз нив наросете малку рендан кашкавал, па повторно тиквички, рендан кашкавал и повторно тиквички и сè така додека да ви се потроши материјалот.

Во еден сад изматете го јајцето/јајцата со кисела павлака, малку посолете и зачинете по вкус, па прелијте преку тиквичките. Одозгора повторно изрендајте кашкавал и ставете кратко да се потпече додека да фати убава румена боичка.

Печете во загреана рерна на 200 степени околу 10-12 минути. Ако сакате, помеѓу редовите од тиквички можете да додадете и и претходно пропржено мелено месо. / Вајам13 / Сооlinarika.com