Полека се подготвувавме за подготвување на зимници и ги обновуваме омилените рецепти, а испробуваме и нови. За читателите на НМД.мк одбравме неколку рецепти за царска салата, со и без конзерванс, разгледајте ги, сите се одлични и одберете си која најмногу ви одговара.
![карфиол](https://nmd.mk/wp-content/uploads/2019/05/IMG_6227-e1625681107299.jpg)
РЕЦЕПТ 1 ЦАРСКА САЛАТА со пиперки, моркови и карфиол – Потребни состојки: 4 кг пиперки, 3 кг моркови, 3 кг карфиол. Зачини: магдонос и лук по вкус. За саламура: 500 мл масло, 1 литар оцет (алкохолна киселина), 300 г сол, 300 г шеќер и 10 г салицил
Постапка: Зеленукот се сечка и се става во големо широко тенџере. Се остава еден ден покриено. Следниот ден се полнат теглите, се притиска зеленчукот, помеѓу се става сечкан магдонос и сечкано лукче, се додава и решеткаст потисок, се долева со течност и се затвора.
РЕЦЕПТ 2 ЦАРСКА САЛАТА СО КРАТКО ОБАРЕН ЗЕЛЕНЧУК – Потребни состојки: 1 кг пиперки, 1 главица карфиол, 1,5 кг морков, 3-4 главици лук, целер лист, 30-40 г есенција на 1 литар вода, 70-100 г сол, 150-200 г шеќер, 20 г црн пипер во зрно, 4 ловорови листови
Постапка: Водата, есенцијата, солта, шеќерот, црниот пипер и ловоровиот лист се варат. Зеленчукот се сечка. Во таа течност се вари пиперката 3 минути. Времето за варење мора да се почитува! Се вади, па се става карфиол да се вари 5 минути, а на крај морковот се вари 10 минути.
Се остава преку ноќ сето да излади. Следниот ден се чисти лукот, се мие целерот па се реди: ред карфиол, ред пиперка, ред морков, ред лук, а помеѓу лист од целер. Наполнетата тегла се прелива со течноста, а одозгора се прелива со лажица маслиново масло.
РЕЦЕПТ 3 ЦАРСКА САЛАТА: Кога нешто успешно правиш неколку години по ред и секојпат излегува одлично – е тогаш заслужува и јавно да се објави.
Потребни состојки: 2 кг корнишони, 2 кг карфиол, 2 кг моркови, 2 кг зелка, 2 кг пиперки црвени, за ајвар. За саламура: 500 г шеќер, 1 литар оцет, 500 мл масло, 300 г, сол, 1 конзерванс и 1 пакетче црн пипер во зрно
Постапка: Приготвуваме големо тенџере (јас го користам истото во кое правам ајвар), зеленчукот убаво се мие, потоа се сечка, се става во тенџерето и се полива со саламурата. Сите состојки се мешаат во саламурата.
![карфиол](https://nmd.mk/wp-content/uploads/2019/05/IMG_6227-e1625681107299.jpg)
Вака се остава да отстои покриено 24 часа со повремено промешување. После 24 часа се полнат теглите, зеленчукот се притиска се до 1 прст до работ на теглата. Кога се полни теглите се полеваат со саламурата. Теглите се затвораат и царската салата е готова.
РЕЦЕПТ 4 ЦАРСКА САЛАТА БЕЗ КОНЗЕРВАНС – Потребни состојки: 5 кг пиперки, гамби, 1,5 кг морков, 2 кг карфиол, 250 г сол, 400 г шеќер. За саламура: 1,5 литар алкохолна киселина и 500 мл масло. Постапка: Зеленчукот исечкајте го крупно или ситно, по желба. Одозгора ставете сол и шеќер, па оставете 24 часа покриено со салветка.
Следниот ден течноста што се пуштила исцедете ја во тенџерето со 1,5 литар алкохолна киселина и 500 мл масло, па заедно ставете на оган да се свари. Кога ќе проврие прелијте ја течноста преку сечканиот зеленчук и оставете уште 24 часа покриено. Следниот ден полнете ги теглите и добро затворете.