Доколку ви се најават гости а вие немате ништо слатко за да ги послужите, тогаш оваа торта е идеална. Ќе им се допадне на сите, многу лесно се приготвува, има вкус на капри сладолед и многу е освежителна. Не пропуштајте го рецептот и запишете си го. Еве што ви е потребно:

Потребни состојки: 500 мл слатка павлака, 400 мл кисела павлака, 200 г шеќер, 80 г плазма кекси + млеко за натопување, 120 г мелена плазма, 100 г искршени плазма кекси, 2 кесички шлаг, 1 кесичка желатин со 10 мл вода, 500 г јагоди, 150 г шумско овошје, рендано чоколадо за декорација (калап за торти 28 см)

Постапка: плазма кексите кратко натопете ги во млеко и наредете ги како основа на тортата, во калап со обрач 28 см. Пополнете ги и празнините со кршени кекси. Обрачот обложете го со фолија за да можете подоцна полесно да ја извадите тортата.

Желатинот натопете го во вода и оставете го да набубри. Киселата павлака изматете ја со 200 г кристален шеќер, додека добро да се растопи шеќерот. Набубрениот желатин растопете го на пареа, па додајте го во изматената кисела павлака.

Смрзнатите јагоди ситно исечкајте ги. Можете да користите и друго бобесто овошје по ваша желба или во зависност од сезоната. Посебно изматете ја слатката павлака, па соединете ја со киселата павлака.

Добиената смеса поделете ја на два еднакви делови. Во првиот дел додајте 120 г мелени кекси и промешајте за да се изедначи, па додајте и 100 г кршени кекси. Мешајте со лажица или шпатула. Оваа смеса нанесете ја врз слојот од бисквити.

Сечканите јагоди и шумското овошје додајте ги во втората половина од кремот и промешајте со лажица за да се изедначи. Рамномерно распоредете врз кремот со кекси и израмнете. Оваа количина треба точно да дојде до врвот на обрачот.

Тортата оставете ја во фрижидер убаво да се стегне, најдобро преку ноќ. Следниот ден извадете го обрачот, па декорирајте со 2 изматени шлаг креми според упатството на кесичките. Одозгора изрендајте чоколадо. Деталите од постапката погледнете ги во видеото: