СУЛТАН ОБЛАНДИ: Совршени ситни колачи за секаков вид прослава, се добиваа количински – многу! Лесно и брзо се приготвуваат, а вкусот на карамел помеѓу двете крцкави обланди е комбинација од рајот! Еве што ви е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ:

2 листа големи обланди
300+200 г шеќер
250 г маргарин или путер
3 јајца
200 г суво грозје
200 г ситно сечкани ореви
300 г мелени бисквити

За глазура:
100 г чоколадо
3 супени лажици масло

ПОСТАПКА:

Во тенџере сипете 300 г шеќер и оставете на ниска температура да се растопи и карамелизира. За тоа време во посебен сад изматете три јајца со постепено додавање на 200 г шеќер додека тој да се растопи и смесата да згусне и осветли.

Кога шеќерот се претвори во карамел додајте му го путерот исечкан на коцки.

Штом путерот се растопи и соедини со карамелот, додајте ги претходно изматените јајца и брзо мешајте.

Оваа смеса гответе ја 10-тина минути на умерена температура со непрекинато мешање додека сето да се изедначи и да се добие густа конзистенција која тече од лажицата слично на мед.

Кога повторно ќе проврие и ќе добие убава карамел боја, тргнете го тенџерето од оган. Веднаш додајте 200 г суво грозје, 200 г блендирани или ситно сечкани ореви и 300 г мелени бисквити.

Соединете убаво да се изедначи, па смесата оставете ја 10-15-тина минути да се подизлади. Целата смеса распоредете ја врз лист обланда и израмнете.

Одозгора поклопете со вториот лист обланда, притиснете малку со дланките за да се залепи насекаде убаво, па оптеретете со нешто и оставете неколку часа за да се стегне.

Потоа растоепете 100 г чоколадо со 3 лажици масло (во микробранова или на пареа), па глазурата излејте ја врз обландата и оставете да се стегне. Глазура и суво грозје не мора да ставате, тоа е по желба.

Кога чоколадото ќе се стегне исечете ја обландата на штангли, коцки или триаголници, па послужете ја. Деталите можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.