Ова е еден од најсочните старински колачи кои се подготвува во секоја прилика, за прослави или кога ви доаѓаат некои гости. Многу е лесен за подготовка, а одозгора се наросува со кокос кој дава посебна арома и сочност. Раванијата е една од оние колачи која секогаш прва се изедува, не останува ниедна трошка.

Се подготвува со мерки на чаша од 200 мл, а во пандишпанот се додава и 1 шолја јогурт. Она што е важно да се внимава е пандишпанот да се прелие со млак сируп, да не биде многу врел. Колачот е најубав доколку се остави неколку часа за целосно да го впие сирупот, но ретко кој е толку трпелив и најчесто се јаде веднаш. Еве што ви е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА СИРУПОТ: 600 мл вода, 2,5 лажици сок од лимон, 3 чаши шеќер (можете да ставите 2 ако не сакате многу слатки работи). ЗА ПАНДИШПАНОТ: 200 мл јогурт, 1 шолја шеќер, малку рендана кора од лимон, 1 шолја брашно, 1 шолја гриз, 1/2 шолја кокос, 1/2 шолја масло, 3 јајца, 1 кесичка прашок за печиво, 2 кесички ванилин шеќер.

ПОСТАПКА: Прво подгответе го сирупот за да се олади додека се пече пандишпанот. Во тенџере сипете 3 шолји вода, додајте 2,5 лажици свежо цеден сок од лимон, промешајте, па додајте 3 шолји шеќер. Измешајте со лажица, додека шеќерот малку да се растопи, па ставете го тенџерето на рингла.

Гответе на умерена температура со повремено мешање приближно 15-тина минути, додека шеќерот целосно да се растопи. Во меѓувреме додека шербетот се лади, подгответе го пандишпанот. Во еден подлабок сад скршете ги трите јајца и изматете ги пенасто со миксер.

Постепено започнете да додавате 1 шолја шеќер, по малку додека постојано матите со миксерот. Кога шеќерот целодно ќе се растопи изрендајте кора од лимон за арома, но може да додадете и рум. Додајте 1/2 шолја масло, па кога ќе се соедини, започнете да ги додавате сувите состојки.

Додајте 1 шолја брашно, измешајте лесно со миксерот, па додајте 1 шолја гриз, 1/2 шолја кокос и 1 кесичка прашок за печиво. По желба во пандишпанот додајте 2 кесички ванилин шеќер, но може и да изоставите бидејќи колачот се прелива со сируп.

Конзистентноста на смесата треба да биде нешто погуста од онаа за палачинки. Потребно е да биде добро соединета и да нема остатоци (грутчиња) од сувите состојки. Вака подготвената смеса излејте ја во тепсија со големина 30х22 см или слични димензии. Претходно тепсијата малку набрашнете ја, а вишокот истресете го.

Излејте ја смесата во тепсијата и печете прво во загреана рерна на 200 степени, 10 минути, додека да фати коричка, па намалете на 180 степени и допечете уште 30 минути. По печењето, пандишпанот се сече на коцки и додека уште е врел се прелива со млакиот сируп.

Наросете го со кокос и оставете го да го впие неколку часа на собна температура. Колачот останува убав и сочен и по неколку дена, но реткост е да остане подолго од еден ден. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете ОВДЕ.