Ако сакате да се засладите со нешто навистина сочно и слатко, а притоа едноставно, испробајте го овој традиционален колач за раванија. Постојат различни рецепти за оваа ориентална слатка, а најчесто ја карактеризира шербетниот пандишпан со оревите.




Меѓутоа, во овој рецепт не се содржат ореви, што не значи дека не можете да ги додадете по желба. Колачот е многу сочен, миризлив и буквално се топи во уста. Иако е шербетен, сепак е нежен и освежителен, особено ако го изладите во фрижидер пред послужување. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 4 јајца, 250 г шеќер, 250 г цврст јогурт или кисела павлака, 100 г несолен путер, 50 мл масло, 1 кесичка прашок за печиво (10 г), 400 г брашно. ЗА ШЕРБЕТ: 700 г шеќер, 500 мл вода, 2 супени лажици лимонов сок (а може и сок од портокал)




ПОСТАПКА: Во подлабок сад скршете четири јајца, додајте го шеќерот (250 г), па пенасто изматете ги со миксер додека шеќерот да се растопи. Потребно е да матите 5-8 минути за да згусне смесата и осветли.




Во густо изматените јајца додајте 250 г цврст („грчки“) јогурт или кисела павлака, 50 мл масло, и најпосле 100 мл растопен и изладен несолен путер (да биде во течна состојба, но да не е топол). Изматете со миксерот додека да се изедначат состојките.




На крај додајте една кесичка прашок за печиво и 400 г брашно. Со миксерот матете на најмала брзина додека тоа да се впие во течните состојки и да се добие густа и мазна хомогена смеса, без грутчиња.




Една поголема тепсија или калап со дијаметар 28 см или 30 см добро намастете ја со масло на дното и ѕидовите, па излејте го во неа подготвеното тесто. Израмнете и протресете ја тепсијата, па ставете да се пече во претходно загреана рерна на 180 степени околу 35-40 минути.




Направете го шербетот: Во едно тенџере ставете 700 г шеќер и залијте со 500 мл вода. Ставете на оган и варете го 15-тина минути, а пред крајот додајте малку лимонов сок по вкус. Оставете да се олади додека да стане млако. Се прелива ладен колач со млак сируп, а потоа се сече. Деталите погледнете ги во видеото ОВДЕ.