За сите рецепти кои ќе ги прочитате во продолжение користев посни состојки, иако може да се користат и по ваш избор. Па така, онаму каде што ќе прочитате чоколадо, мислам на какао крем табла, посни бисквити, посно бело чоколадо…




Овие колачи може да бидат и мрсни, ако наместо вода користите млеко, путер наместо посен маргарин, млечно бело чоколадо, бисквити си путер и млеко… Овие колачи можете да ги правите и неколку денови претходно, зашто можат долго да стојат без да се расипат… Еве ги рецептите:




РЕЦЕПТ 1 – Розенка со малини и ванила – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 300 г малини (или друго бобесто овошје), 200 г шеќер, 100 + 100 + 100 мл вода, 60 г густин/нишесте/скроб, 100 + 50 г маргарин, 40 – 50 г пудинг со вкус на ванила, 50 г бело чоколадо, 1 кесичка ванилин шеќер (10 г), половина пакување розен кори

ПОСТАПКА: Во тенџере ставете 300 г малини, 200 г шеќер и 100 мл вода. Ставете на оган и почекајте да зоврие, а за тоа време во посебен сад измешајте 60 г скроб/нишесте со 100 мл вода. Откако ќе зовријат малините, оставете ги да се варат 1 минута, па додајте го разматениот густин и непрекинато мешајте додека да згусне.

Потоа тргнете го тенџерето од оган и во сварениот крем од малини додајте 100 г маргарин и промешајте додека да се растопи. Кремот оставете го да се олади. Во друго тенџере на оган ставете 250 мл и додајте 100 г шеќер. Додека чекате да зоврие, во посебен сад измешајте 40 г пудинг од ванила (посен), 100 мл вода и 1 кесичка ванилин шеќер.

Додајте во зовриениот сируп и сварете со мешање додека да згусне. Сварениот пудинг тргнете го од оган и додајте 50 г бело чоколадо. Промешајте додека да се растопи, па додајте 50 г маргарин и продолжете со мешањето. Потоа оставете го и овој крем да се олади. И двата фила поделете ги на пет приближно еднакви делови.

Со остар нож пресечете ги розен корите на половина. Филувајте наизменично со филот од малина и белиот фил од ванила (кора – розев фил – кора – бел фил – кора – розев фил – кора – бел фил..5 пати и завршете со кора. Одозгора поклопете со нешто тешко и оставете во фрижидер да се стегне, па сечете.




РЕЦЕПТ 2 – Розенка со бисквит и портокал – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 250 мл вода, 150 г шеќер, 75 г маргарин, 100 г чоколадо, 200 г мелени бисквити, 75 г мелени ореви, кора и сок од еден портокал, половина пакување розен кори

И УШТЕ За глазура: 100-150 г чоколадо и 3-4 лажици масло

ПОСТАПКА: Во тенџере ставете 250 мл вода со 150 г шеќер и 75 г маргарин, па додајте 100 г посно чоколадо искршено на коцки. Ставете на оган и почекајте да се растопи. Потоа додајте го мелениот кекс (200 г), мелените ореви (75 г), сокот и ренданата кора од 1 портокал. Промешајте и гответе уште неколку минути додека да се соединат сите состојки.

Тргнете го настрана и оставете го да се лади. Искористете ги половината исечени розен кори од претходниот рецепт, па филувајте кора-фил додека да се потроши материјалот. Поклопете со нешто тешко одозгора и оставете во фрижидер да се стегне, прелијте со глазура, оставете уште малку да се стегне, па сечете.




РЕЦЕПТ 3 – Кикирики штангли / Сникерс бајадера – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 400 г шеќер, 300 мл вода, 250 г маргарин, 200 г чоколадо, 300 г кикирики (блендирани или сечкани, подобро изблендирани), 400 г мелени бисквити, 100 г чоколадо, 2 – 3 лажици масло

ПОСТАПКА: Во тенџере ставете 300 мл вода, 400 г шеќер, 1 цел маргарин (250 г) и 200 г посно чоколадо (какао табла). Тенџерето ставете го на оган за да се растопат состојките, а потоа додајте 400 г мелени бисквити и 300 блендирани несолени кикирики (претходно потпечени). Гответе кратко време со непрекинато мешање додека да се згусне.

Намастете плех 30х20 см со флексибилен обрач и во него истресете ја целата смеса. Распоредете рамномерно и израмнете. Растопете 100 г чоколадо со 2-3 лажици масло (на тивок оган) и прелијте одозгора. Наросете мелени/сечкани кикирики. Оставете го во фрижидер да се олади, па сечете штангли.




РЕЦЕПТ 4 – Гријаж/Грилијаш обланди – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 300 г шеќер, 2 лажици џем или мармалад, 250 г маргарин, 200 г мелени бисквити, 200 г блендирани или сечкани ореви и еден голем лист обланда поделен на половина.

ПОСТАПКА: Во едно тенџере на умерен оган ставете 300 г шеќер да се карамелизира со повремено протресување на тенџерето. Листот од обланда пресечете го на половина и поставете го врз големо парче хартија. Во топлиот карамел додајте две полни лажици џем или мед и 250 г маргарин исечкан на коцки.

Кога сето ќе се растопи и соедини додајте 200 г мелени кекси и 200 г мелени/ситно сечкани ореви. Промешајте за да се соедини и гответе уште минута, па тргнете го тенџерето од оган. Целата смеса истресете ја врз едно парче обланда, свртена со крупните коцки нагоре.

Распоредете ја израмнете. Поставете го врз филот второто парче обланда и малку со дланките притиснете. Целата обланда свиткајте ја во хартијата (за да не истекува од страните) и потиснете со некој терет одозгора. Оставете да се олади и стегне, па сечете.




РЕЦЕПТ 5 – Обланди со лешник и чоколадо – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 250 г шеќер, 10 лажици вода, 200 г маргарин, 300 г мелени бисквити, 200 г мелени лешници, 100 г чоколадо, 2.5 листови облнади

ПОСТАПКА: Во едно тенџере на оган ставете 200 г шеќер, 200 г маргарин, 100 г чоколадо и 10 лажици вода. Кога сето ќе се растопи додајте 300 г мелени бисквити и 200 г мелени лешници. Промешајте и изедначете во густа смеса.

За да не се исуши филот и да почне да се рони, потребно е брзо да го нафилувате (големите обланди пресечете ги на половина, потребни ви се 5 кори, односно 2.5 големи листови).

Филувајте: лист, четвртина фил.. и завршете со лист обланда (ако ви остане малку чоколадна глазура од претходниот рецепт, прошарајте одозгора). Одозгора притиснете и оставете на ладење.




РЕЦЕПТ 6 – Салама направена од бисквити, ореви и џем – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 200 г мелен бисквит, 50 + 50 г мелени ореви, 100 + 100 г шеќер во прав, 1 лажица екстракт од ванила, 4-5 лажици џем (по потреба), 100 г маргарин.

ПОСТАПКА: Во подлабок сад ставете 200 г мелени кекси, 100 г шеќер во прав, 50 г мелени ореви и 3 лажици џем од кајсии. Мојот џем е редок, па затоа се додава по потреба, а јас додадов вкуспно 5 лажици. Промешајте па додајте екстракт од ванила. Смесата измесете ја со рака додека да добиете компакна смеса, малку леплива за рака, но која лесно се обликува.

Настрана во посебен сад ставете 100 г омекнат маргарин на собна температура и помешајте го со 100 г шеќер во прав (со виљушка или шпатула). Потоа додајте 50 г мелени ореви и соединете. На работна површина поставете парче хартија за печење, а одозгора истресете ја претходната, потемна смеса и поклопете со друго парче хартија.

Израмнете со оклагија и обликувајте правоаголна кора. Преку кората премачкјате го филот од маргарин, па свиткајте во ролат-салама. Оставете да се стегне во фрижидер. Деталите од постапката за приготвување на сите овие колачи и како тоа набрзина да го направите, погледнете ОВДЕ.