Го правам многу често,речиси секоја недела, затоа што е брз, едноставен, целиот кремаст и што е најважно, децата многу ми го сакаат!

Потребни состојки:

7 јајца
30 лажици шеќер
7 лажици меко брашно
200 г густин
6 ванилин шеќер
2 литри млеко
500 мл вода
1 кора лиснато тесто (реш печена)
500 мл слатка павлака за шлаг

за чоколадна глазура:

100 г чоколадо
2 лажици масло
80 г путер или маргарин

Постапка:

Одвојте ги белките од жолчките во посебни садови, па во секој сад ставете по 15 лажици шеќер и 3 кесички со ванилин шеќер.

Прво изматете ги белките во цврст снег и тргнете го настрана (Подобро се мати кога прво ќе ги изматите само белките во цврст снег, а потоа постепено ќе го додавате шеќерот и ќе матите додека тој се растопи).

Потоа во другиот сад изматете ги жолчките со шеќерот, па додавајте по ред: 300 мл млеко, брашно и густин. Во поголем сад ставете 500 мл вода и 1700 мл млеко, па кога ќе зоврие со миксање со миксерот сварете ја смесата со жолчките на тивко (околу 5 минути).

Тргнете од оган и во врелиот крем со лажица додадете го и измешајте го снегот од белки.

Во една тепсија ставете ја печената кора од лиснато тесто и врз нејзе излејте го врелиот крем. Оставете да излади. Потоа, ставете 500 мл изматена слатка павлака и полека прелијте со чоколадна глазура. Јас ја подигам тепсијата од едниот крај и полека со лажица ја нанесувам глазурата за да може таа да се слева врз шлагот.