Од само три главни состојки пригответе многу вкусен и освежителен десерт кој ќе го обожавате не само оваа пролет, туку и во летото што доаѓа. За љубителите на сладоледните десерти, можат да си го приготвуваат и преку цела година со смрзнато овошје по вкус.

Потребни ви се само три основни состојки и тоа, овошје, кондензирано млеко и слатка павлака, па на многу едноставен и лесен начин да го направите десертот за само 5 минути. Потоа останува само уште да го оставите во замрзнувач да се стегне, а оние што ги сакаат кремастите десерти во чаша, можат да го јадат веднаш.

Кондензирано млеко може да се најде во речиси секој супермаркет, но можете да си го приготвите и дома. Од овошје користевме 10-тина јагоди и една банана, но може да употребите какво било друго овошје по ваш вкус, па дури и суво овошје, претходно хидрирано. Еве што ви е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 8-9 јагоди, 1 банана, 200 мл слатка павлака 33%, 6 супени лажици кондензирано млеко. Ако подготвувате домашно кондензирано млеко, за 400 г ќе ви бидат потребни следните состојки: 30 г путер, 60 г шеќер во прав, 200 г млеко во прав, 120 мл зовриена вода и 1 лажичка арома од ванила

ПОСТАПКА: Овошјето измијте го и исчистете го од ливчиња, па исечете го на помали парчиња за да ви го собере во блендер. По желба наросете го со лимонов сок за да не потемнува, но не мора. Во подлабок сад изматете ја слатката павлака која треба да биде ладна од фрижидер.

Кога ќе згусне како шлаг додајте го кондензираното млеко и уште малку изматете за да се соедини. Овошјето измиксајте го во блендер за да добиете пире, па додајте го во смесата и промешајте со лажица или шпатула.

Излејте ја смесата во соодветен сад, поклопете со проѕирна-стреч фолија и капак, па оставете во замрзнувач 5 часа. Видеопрезентацијата погледнете ја ОВДЕ, а во продолжение прочитајте ја постапката за приготвување на кондензирано млеко:

Постапка за кондензирано млеко: растопете го путерот и оставете го настрана. Во блендер ставете шеќер во прав, млеко во прав, а потоа и растопениот путер, зовриената вода и арома од ванила, па едноставно измиксајте 2-3 минути додека да добиете фина компактна смеса.

Веднаш складирајте го во тегла доколку не планирате веднаш да го користите, оставете малку да подизлади, а потоа ставете го во фрижидер до употреба. Напомена: Ова кондензирано млеко воопшто не е преслатко, а по вкус доколку сакате може да ставите и повеќе шеќер. Но, вака е идеално. Фотографии од постапката погледнете ОВДЕ, а доколку сакате да приготвите кондензирано млеко на традиционален начин, рецептот прочитајте го ОВДЕ.