Вкусните ситни колачи од неколку состојки се омилениот десерт кога сакате да приготвите нешто брзо, а вкусно, особено кога ќе ви се најават ненадејни гости. Колачињата се подготвуваат буквално за 10 минути, а се јадат во еден залак. Нема потреба да ги декорирате или да ги преливате со чоколадо, доволно е да ги наредите на елегантен овал и да ги послужите со шолја кафе.




Направете си шарено тоблероне, а од остатокот од смесата направете и киндер топчиња со додавање на лешници, еурокрем и бисквити. Оние кои се љубители на киндер буено, овие колачиња ги обожаваат. Овие двa вида на колачиња се омилени на сите трпези, особено на празничната. Следете ја постапката, особено внимавајте на 3-те минути готвење и рецептот сигурно ќе ви успее. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 125 г маргарин или путер, 100 мл вода, 300 г шеќер, 200 г млеко во прав, 100 г темно чоколадо, 100 г бело чоколадо. ЗА ТОПЧИЊАТА: 100 г еурокрем (може да користите било каков еурокрем), 50 г мелени бисквити (плазма), 50 г мелени печени лешници.

ПОСТАПКА: Во едно помало тенџере ставете 125 г путер, сипете 100 мл вода и додајте 300 г шеќер. Промешајте сосем малку, па ставете ја смесата на тивок оган да зоврие. Додека чекате да зоврие, скршете ја белата чоколада во сад, подгответе ја искршената црна чоколада во друг сад, подгответе си миксер и во триаголен калап обложете хартија за печење.




Постапката е брза и најдобро е кога сѐ е веќе подготвено. Кога смесата ќе зоврие, гответе ја на средна топлина уште 3 минути со константно мешање, за да не загори. Потоа, се трга од оган, се додава млекото во прав постепено и се мати со миксер, додека да се добие погуста смеса, нешто слична на пудинг.




Кога сè добро ќе се соедини, половина од смесата прелијте ја врз белото чоколадо, а во вториот дел од смесата додајте го темното чоколадо. Не се секирајте доколку во едната половина ви се истури малку повеќе од смесата, не мора да е точно поделено.




Измешајте ги двата дела посебно додека чоколадите да се растопат и се соединат со смесата со млекото во прав. За тоблеронето, во триаголниот калап ставете малку од темната смеса во тенок слој, а потоа малку од белата смеса додека да се наполни калапот.




Оставете да се излади, покријте одозгора со хартијата за печење и ставете го во фрижидер 2 часа, пред послужување. Во секој случај, ќе ви остане по малку од двете смеси, така што од нив може да направите киндер буено топчиња. Спојте ги двете смеси во еден сад, а потоа во нив додајте еурокрем, мелени лешници и плазмата.




Изматете сѐ со миксер во еднолична смеса. Лешниците кои ги додадов во смесата беа споени како паста бидејќи долго време ги блендирав. За да одредите дали конзистентноста на смесата е добра, обликувајте едно топче и доколку се распаѓа додајте уште еурокрем, а ако се лепи за рацете – додајте повеќе кекси.




Обликуваните топчиња ставете ги во фрижидер. Топчињата не се многу тешки на вкус, ги пробав и беа фантастични. Ако ги филувате со бело чоколадо, ќе го добиете целосниот вкус. Деталите погледнете ги ОВДЕ.