Овие лешник колачиња се лапни-голтни во буквална смисла. Дома не знаеме за доста кога ќе ги направам, а притоа се многу здрави и исполнуваат со енергија бидејќи содржат јатки и суво овошје кое е многу нутритивно.

Доколку сакате здраво да се храните и да внесувате природни шеќери кои полесно ќе ги искористи организмот, тогаш ова е вистинскиот рецепт за вас. Изобилуваат со мноштво корисни нутриенти, а освен тоа, овие колачиња се одлични за работата на цревата. Еве кои состојки ви се потребни за да ги направите:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 чаша урми (200 г), 1/2 чаша лешници (60 г), 1/2 чаша снегулки/брашно од кокос (40 г), 1 лажичка инстант кафе + 1 лажица вода (по избор), прстофат сол, 2 лажици какао во прав (20 г), 2 лажици мед (40 г), 120 г темно чоколado (без шеќер), 1 лажица растително масло, 1/4 шолја сечкани лешници (50 г).

ПОСТАПКА: Урмите се ставаат во еден подлабок сад и одозгора се преливаат со вода. Во водата се оставаат да киснат околу 10-тина минути. Во меѓувреме, во еден блендер се ставаат лешниците (1/2 чаша), се додава исто толку кокосово брашно/снегулки и целата смеса се блендира додека лешниците да се иситнат во прав.

Настрана направете мешавина од 1 лажичка инстант кафе (најдобро нескафе) со 1 лажица врела вода. Измешајте, па кафето додајте го во смесата со лешниците и кокосот. Додајте сосем малку прстофат сол за подобрување на вкусот бидејќи при ниски концентрации ќе ја намали горчината, но ќе ги зголеми вкусот на слаткото, што е пожелно за слатки рецепти.

Додајте 2 лажици мед и уште 2 лажици какао во прав (без шеќер). Малку промешајте ги сите состојки со лажица, па повторно изблендирајте за да се соединат. Кога ќе поминат 10 минути, урмите се процедуваат од водата и уште еднаш се мијат под млаз вода.

Се сечат на половина и од средината им се вади семката. Потоа урмите се ставаат во смесата со останатите состојки во блендерот. Се блендира за последен пат додека урмите да се иситнат, а потоа целата смеса се префрла во подлабок сад.

Земете лажичка или некој друг предмет што ќе ви служи како мерка и црпете од смесата од која треба да формирате колачиња во иста форма. Колачињата може да ги направите како квадрат, топчиња, правоаголници… Најинтересно изгледаат ако се квадратчиња.

Вака подготвените колачиња се редат на еден плех и се ставаат во замрзнувач на 15 минути за инстантно да се стегнат. Во меѓувреме, на пареа се топи 120 г темно чоколадо со 1 лажица масло. Во чоколадната смеса се додава 1/4 ситно сечкани лешници и убаво се соединува.

Кога ќе ги извадите колачињата од фрижидер, едно по едно се потопуваат во чоколадната смеса со лешници и потоа се редат на жица за да се исцедат од вишокот. Тоа што во глазурата на колачињата се вметнати покрупни парчиња на лешници, ги прави да бидат многу крцкави и вкусни.

Колачињата откога ќе се исцедат и чоколадото ќе се стегне, се ставаат уште на 5 минути во фрижидер, а потоа може да се послужат. Деталите од целата постапка погледнете ги во видеото ОВДЕ.