Чоколадни штангли со вкус на Киндер Буено. Децата ќе ги обожаваат овие чоколадни колачиња кои во нив имаат мелен лешник и бисквити. Овие штангли потсетуваат на омиленото чоколадо од лешник и бисквити „Киндер Буено“, а се подготвуваат од готови кори.




Потребни ви се 8 готови розен кори, а вие треба да го подготвите само филот и глазурата кои се подготвуваат за неполни 15 минути. За брзо време на трпезата ќе имате превкусни чоколадни штангли, а од оваа количина излегуваат многу парчиња. Домашните и гостите ќе ги обожаваат и колку и да изедете, нема да ве заситат. Одлично се комбинираат со кафе и млеко.




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 8 готови кори. ЗА ФИЛ: 500 мл млеко, 200 г шеќер во прав, 1 ванилин шеќер, 250 г путер, 300 г мелени лешници, 200 г мелени бисквити, готови кори. ЗА ГЛАЗУРА: 100 г растопено чоколадо, 2 лажици растопен путер.




ПОСТАПКА: во тенџере на средна кон ниска температура додајте го млекото и почекајте да зоврие, а потоа додајте го шеќерот во прав, ванилиниот шеќер и путерот исечкан на поголеми парчиња. Оставете путерот сам да се растопи во млекото за што е потребно повеќе време. Повремено промешувајте ја течноста додека целиот путер да се растопи и да добиете жолта течност.




Во растопениот путер додајте 300 г мелени лешници, промешајте, а потоа додајте ги мелените бисквити. Повторно промешајте ја смесата и добро соединете ги сите состојки. Тргнете го тенџерето од оган и оставете го настрана да се подизлади филот.




Во поголема тава поставете една кора на дното. За овој рецепт ќе ви бидат потребни 8 големи кори-розен. Со корите е потребно да бидете многу внимателни бидејќи можат лесно да се скршат или да пукнат на краевите. Затоа е потребно филот малку да се подизлади пред да започнете со премачкување на секоја од корите.




На првата кора ставете 4 супени лажици од смесата за да ви стигне филот за сите кори. Филот распоредете го подеднакво на површината на секоја од корите. При ставањето на втората кора врз првата, бидете многу внимателни. Потоа само нежно притиснете ја со прстите втората кора за да се соединат со филот кој се наоѓа помеѓу.




Премачкајте ја и втората кора со 4 лажици фил, еднакво распоредете и повторете ја постапката со останатите 6 кори. Значи, потребно е да ставите 8 кори при подготовкка на овие чоколадни штангли. Важно е последната кора да не ја премачкувате со фил, потребно е таа да остане празна, а на крајот откога сите кори ќе се соединат со филот, последната кора се прелива со чоколадна глазура.




Кога ќе го завршите редењето, покријте ја површината на кората и страните со стреч- проѕирна фолија. А потоа врз неа поставете нешто тешко. Јас врз корите ставив 2 тетрапак млеко кои ги легнав врз површината.




Оставете корите да омекнат и да се соединат со филот за што е потребно проближно околу еден и пол час, така што за тоа време може да завршите некоја друга обврска во домот, да се опуштите со топло кафе или да излезете на прошетка. По изминатото време подгответе ја глазурата.




Во сад на пареа стопете го чоколадото, а потоа додајте 2 лажици растопен путер или оставете да се растопи заедно со чоколадото во садот. Убаво соединете ја глазурата, извадете ја проѕирната фолија од кората и прелијте ја глазурата врз површината на последната кора.

Измазнете подеднакво од растопеното чоколадо по целата површина на кората. Ставете го колачот во фрижидер да отстои 20 минути за чоколадото да се стврдне, а потоа пресечете го колачот на тенки правоаголници и послужете. Од оваа количина излегуваат премногу штангли. Деталите од целата постапка погледнете ги во видеото ОВДЕ.