По повод празникот Младенци, овие колачиња го добиле името „младенчици“. Во секој случај името е додадено подоцна, а овие посни колачиња се прават уште од најстари времиња и порано биле познати и по други имиња.. Со нив ќе си ја засладите славската трпеза, но може да си ги направите и кога не се пости како еден фин и лесен десерт.

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 500 г меко брашно тип 400, 2 лажици сода бикарбона, 1 мала лажичка сол, 4 рамни лажици шеќер, 1 мала лажичка цимет, 1/2 лажичка мускатно оревче во прав, 2 лажици ванилин шеќер или екстракт од ванила, 100 г лимон (кора и сок), 100 мл масло, 250 мл топла вода. И уште: мед, мелени ореви, може да замените со бадеми или лешници.




ПОСТАПКА: во подлабок сад ставете го брашното, додајте ја сода бикарбоната, шеќерот, солта, циметот, мускатното оревче и изрендана кора од лимон. Промешајте со лажица или жица за матење. Потоа додајте ванилината арома, сокот од лимон и замесете тесто со постепено додавање на топла вода.

Фото и рецепт: Верица Николиќ

Замесеното тесто префрлете го на благо намастена работна површина и поделете го на 4 еднакви делови. Секој дел извалајте го со раце во помал валјак. Потоа секое валјасто тесто поделете го на 10 еднакви делови, вкупно треба да добиете 40 колачиња.




Во голем плех од електричен шпорет обложете го со хартија за печење. Секој исечен дел од валјакот обликувајте го во топче и малку развлечете го со дланката како мали погачици. Колачите редете ги во плехот.

Фото и рецепт: Верица Николиќ

Рерната вклучете ја да се загрее на 180 степени. Колачите премачкајте ги со масло и ставете да се печат 15-20 минути (јас ги печев 15 минути, но зависи до јачината на рерната). Немојте да чекате површината да зарумени, штом дното на колачите добие румена боја тоа значи дека се печени.




Површината на печените колачи, додека се сè уште топли премачкајте ја со мед и одозгора наросете со мелени ореви за да се залепат. Може да користите и мелени лешници или бадеми или комбинирано. Фото и рецепт на Верица Николиќ.

Фото и рецепт: Верица Николиќ

(Втор рецепт) Посни жербо бомбици, најубавите празнични колачи, неодоливи, брзи и лесни – без печење, со само 3 состојки. Фотографија и рецепт на Наталија – Неодолив вкус, без готвење, без печење, само три состојки – мелени ореви, мелени бисквити и џем од кајсии со крцкав слој чоколадо однадвор.




Толку многу се сочни што се топат во уста. ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА 34 ТОПЧИЊА: 150 г мелени ореви, 200 г мелени бисквити посни, 5 полни лажици џем од кајсии (околу 300 г), 1 лажичка арома од ванила. ЗА ГЛАЗУРА: 150 г чоколадо за готвење, 1 лажица масло. И уште ќе ви бидат потребни малку сечкани ореви за декорација.




ПОСТАПКА: Сомелете ги оревите, а потоа и бисквитите. Измешајте ги во една чинија, па додајте го џемот од кајсии. Не ја додавајте одеднаш целата количина џем, туку лажица по лажица. Мешајте додека да добиете компактна смеса од која може да се обликуваат бомбиците.

Фото и рецепт: Верица Николиќ




Смесата не треба да биде сува и да се рони, но исто така, не смее да биде премногу мека и леплива. Додајте и ванила па пробајте ја смесата дали ви е доволно слатка. Ако сметате дека не е, слободно додајте малку шеќер во прав по вкус. Оваа смеса ставете ја во фрижидер околу половина час до еден час за да излади и да може полесно да се обликуваат топчињата. Од изладената смеса вадете со лажичка и формирајте топчиња.




Редете ги во тепсија обложена со хартија за печење, па повторно вратете ги во фрижидер додека ја приготвувате глазурата. За глазура: во помало тенџере растопете го искршеното чоколадо заедно со масло, на најмала температура со постојано мешање.




Оставете 5-10 минути да излади, а потоа со виљушка спуштајте ги топчињата во глазурата и со помош на лажица потурајте ги од сите страни. Почекајте малку да се исцеди вишокот, па повторно редете ги врз хартијата. Додека чоколадото сè уште не е стврднато, одозгора наросете ги со малку сечкани ореви и со прстот малку притиснете за да се залепат за глазурата.

Фото и рецепт: Верица Николиќ




Откако малку ќе изладат на собна температура можете слободно да ги ставите во фрижидер до послужувањето. Жербо топчињата можете само да ги валате во мелени/сечкани ореви, мелени и сечкани лешници, кокос, мелени бисквити или нешто по ваш вкус и желба.