Рецепт и видео презентација на Валентина Машковиќ – Посни јафа штангли.

Поздрав драги пријатели, денес ќе ви откријам рецепт за посни јафа штанглички – вели Валентина и додава:

Ова не се обични јафа штангли, туку збогатени со овошје, па сите претходни јафа колачи ги фрлаат во сенка. Брзо се приготвува, без печење и миксер. Потребни ви се само добра волја и многу љубов.

Потребни состојки за кора 1:

300 г мелена плазма
125 г растителен маргарин (посен)
3 лажици џем
100 г суво грозје
100 г суви кајсии
50 мл негазиран сок

за кора 2:

600 г обичен посен кекс
2 поголеми изблендирани портокали
200 мл вода
200 г шеќер
125 г маргарин посен
200 г кајсии од компот
150 г ореви

За глазура:

200 г чоколадо
6 лажици масло

Постапка:

Во подлабок сад ставете 300 г посна мелена плазма, преку 100 г суво грозје ставете 2-3 лажици рум (оставете да набубрат), а 125 г маргарин растопете на тивко.

Сувото грозје ставете го во блендер и додадете 100-тина грама суви кајсии и сомелете. Смесата додадете ја во мелената плазма, прелијте го растопениот маргарин и убаво промешајте, па додадете 3 лажици џем од боровинки и убаво промешајте за да се соедини смесата.

Сок по ваш вкус постепено започнете да го додавате во смесата додека да добиете фина смеса како за бомбици, која може убаво да се обликува со раце.

Калап со димензии 20х30х7 см обложете го со хартија, па на дното рамномерно распоредете ја смесата и убаво притиснете и израмнете со дланките.

За втор слој: Во длабок сад ставете 600 г кршени посни кекси. Портокалите измијте ги убаво и откако ќе отсојат во раствор со сода бикарбона изблендирајте ги заедно со кората.

Во тенџере ставете 200 мл вода и 200 г шеќер, па сварете го сирупот на умерен оган. Кога ќе се растопи шеќерот намалете ја температурата и  додадете 125 г маргарин исечен на коцки, изблендираните портокали и промешајте. Кога маргаринот ќе се стопи и смесата ќе зоврие, исклучете го огнот.

Во кршените кекси додадете 150-200 г мелени ореви и прелијте ја смесата со портокалите. Полека мешајте за да се соедини. Во смесата додадете ситно сечкани кајсии од компот. Убаво измесете ја смесата и рамномерно распоредете ја врз првиот слој.

Одозгора прелијте со чоколадна глазура (растопете го чоколадото 200 г со 6 лажици масло на тивок оган). Колачот оставете го во фрижидер неколку часови пред сечење и послужување. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.