Тортата е многу вкусна и верувам дека ќе ја правите постојано, како во посни, така и во мрсни денови. Откако ќе ја приготвите основата, понатаму филот можете да го правите во различни комбинации, со јаткасти плодови, посни крем банани, јафа кекси, желе бонбони, чоколадо, овошје..

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА БАЗА (ДОЛЕН СЛОЈ): 300 х мелени посни кекси, 100 г маргарин, 100 мл сок по ваш избор. ЗА ФИЛ: 1 литар соино млеко или вода, 160 г пудинг од ванила (4 кесички), 10 лажици шеќер, 250 г маргарин, 200 г шеќер во прав или по вкус, 200 г мелени ореви, 100-200 чоколадо, 150 г посен шлаг, 300 мл газирана вода

ПОСТАПКА: Во еден сад измешајте ги пудинзите и шеќерот со малку вода. Треба да добите изедначена смеса без грутчиња. Остатокот ставете го во тенџере на оган, па кога ќе зоврие намалете ја малку температурата и додајте го разматениот пудинг во тенок млаз, непрекинато мешајќи.

Сварете го пудингот со постојано мешање додека да згусне, па тргнете го оган. По желба може да додадете и малку екстракт од ванила, но и не мора. оставете да се лади на страна со повремено промешување, а најдобро да се прекрие со проѕирна фолија или кеса за да не се создаде коричка.

Додека се лади пудингот пригответе ја кората – базата на тортата. Во еден сад ставете ги мелените кекси, па додајте го растопениот маргарин (се растопува на многу ниска температура, не смее да зоврие) и сокот по ваш избор. Промешајте со лажица или шпатула.

Треба да добиете конзистенција на влажен песок. Смесата натапкајте ја на дното од калап за торти обложен со хартија за печење. Распоредете рамномерно, а потоа со дното на една чаша притиснете одозгора за да се натапка подобро.

Откако ќе се олади пудингот (може да го оставите и во фрижидер еден час за да биде уште поцврст), пенасто изматете го маргаринот (кој претходно омекнал на собна температура) заедно со шеќерот во прав.

Изматете го и пудингот за полесно да се соедини со маргаринот. Во маргаринот додајте половина од пудингот, изматете додека да се соедини, па додајте го остатокот и сето заедно убаво изматете го додека да добиете убав, нежен крем.

На страна изматете го шлагот со газирана вода, па додајте малку во филот 3-4 лажици и промешајте со лажица за да се соедини. Потоа додајте ги мелените ореви и ренданото чоколадо, па повторно соединете додека да се изедначат состојките.

Целиот фил истурете го врз кората-база, израмнете и ставете во фрижидер да се стегне, а со остатокот од шлагот направете декорација или направете ја веднаш, по желба, но тортата мора да стои во калапот додека убаво да се стегне.

Доколку немате калап, истата торта можете да ја направите во тенџере кое ќе го обложите со кеса со чија помош подоцна ќе можете да ја извадите целата торта. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.