Пиперки полнети сo рендана зелка за зимница – рецепт на сверква ми

Одлично одговара како мезе или салата со било какво јадење, превкусна е. Имате два рецепти, првиот е поедноставен, а вториот е според некој старински метод.

РЕЦЕПТ 1

Потребни состојки:

3 кг пиперки бабури
600 мл оцет 9%
180 мл вода
1,5 лажица сол
1,5 лажица шеќер
1 мала лажичка винобран
6-7 кг зелка

Постапка:

Прво се ренда зелката и малку се посолува. Пиперките се мијат и се вади семето. Зелката се стиска со раце за да се исцеди вишокот сок и да закисели, па потоа се полнат пиперките.

Наполнетите пиперки се редат во стаклени тегли. На страна се меша оцетот, водата, солта, шеќерот и винобранот, убаво да се растворат.

Пиперките потиснете ги со пластична решетка или нешто друго, па одозгора прелијте ги со растворот. Лесно поклопете ги. Следниот ден ако е потребно додадете уште течност и убаво затворете ги.

РЕЦЕПТ 2

Потребни состојки:

-Зелка
-Пиперки (се одбираат помали, жолти)
-Моркови – неколку
-Црн пипер, сол
За солило:
7 литри вода
400 г шеќер
200 г сол
1 ½ шишенце есенција 80% (од 250 мл)
1 винобран

Постапка:

Оваа мерка за водата за киселење е за поголема количина, а вие прилагодете ја според вашата количина.

Зелката и морковот се рендаат исто како за салата, па се посолуваат и се запиперуваат според вкус (вкусете, исто како за свежа салата).

Количините од зеленчукот се произволни, но јас најчесто правам со 3 кг зелка и 5 кг пиперки. Пиперките ги бирам малку поситни, а ако ми затреба набавувам ште малку.

Прво се мијат убаво пиперките и се чистат убаво од семето, а потоа се полнат со зелката. Кога ќе завршите со полнењето, наредете ги во садот во кој ќе ги киселите.

Потоа земете една тепсија, па тој сад со пиперките превртете го во тепсијата и оставете го 12 часа да отстои преку ноќ за целата течност од зелката да се исцеди. Потоа внимателно вратете назад и внимавајте исцедениот сок да не се врати во садот со пиперките. Превртете и притиснете ги пиперките, па долејте од преливот.

Преливот не се вари, туку сите состојки се мешаат додека солта и шеќерот да се растопат, па се долива во пиперките. Ако правите помала количина, и ако ви остане вишок солило, тогаш искористете го за некоја друга зимница. Порано свекрва ми правеше со голема количина, и таква ми остана мерката, па јас сега од ова солило правам и пиперки и краставици.

Loading...