Парен колач – Раванија со суво грозје, ореви, гриз и кокос…Кај најчесто се приготвува за празници, но ние го сакаме и преку цела година…

На Прочка покрај другите јадења правиме и парено благо. Некои прават кадаиф, шеќер паре, кох, тулумби и слично, но ние правиме ваква раванија. За мерење се користи чаша од 200 мл.

Потребни состојки: 1 чаша шеќер, 1 чаша гриз (може ½ гриз и ½ оризово брашно), 1 чаша сечкани ореви (може и лешници), 1 чаша суво грозје, 1 чаша брашно, 1 чаша млеко, 1 чаша масло (јас ставив ½ ), 1 прашок за печиво, 100 г кокос, ½ лимон – сок (или сок од портокал) и 2 јајца

За шербет: 1 кг шеќер, 1 литар вода и 1 лимон.

Постапка: прво измешајте ги сите суви состојки и претходно потопеното и исцеденото суво грозје. Правоаголна тепсија бр. 36 намастете ја со масло и набрашнете ја. Јајцата изматете ги со шеќер (со миксер) додека да згуснат.

Треба да станат пенасти, па додајте масло, млеко, сок од лимон (или портокал), мешајќи со жица или лажица полека, па додајте ги внимателно и сувите состојки со лесно и бавно мешање.

Смесата печете ја во претходно загреана рерна, на почетокот на 250 степени, па на 200 и на крај 150 степени.

Печењето најмногу зависи од вашата рерна како ви пече, па затоа треба да го прилагодите. Оставете го печениот колач да излади, па потоа исечете го на коцки и прелијте го со врел сируп – шербет.

Внимателно преливајте го, за да не ви се одвои горната коричка (значи не од високо и не нагло).

Шербет: измешајте шеќер и вода, па ставете го сирупот на оган да врие околу 10-15 минути, а пред крај додајте исечени парчиња лимон. Ако сакате посветол колач, наместо ореви користете лешници.