НЕЈЗИНОТО ВИСОЧЕСТВО-САРМА: со кисела зелка, ребра и сланина во тенџере, нема кој не ја сака. Рецепт на Валентина Машковиќ. ,,Добар ден драги домаќинки и домаќини, денес сакам да ви покажам еден многу вкусен, наш познат балкански рецепт за сармички.”- започнува Валентина.




Оние што го видоа мојот претходен рецепт за закиселени листови за сарма, без преточување и без буриња, а кој беше и постиран на нашата НМД страница, ќе забележат дека сега од таа тегла вадам листови за сарма. Доколку не сте го прочитале рецептот може да го проследите ОВДЕ.




Пред да ви го покажам рецептот за сарма, сакам нешто да ви кажам. При стасување/фермантирање на зелката, нормално е во теглата да се зголеми количината на водата на врвот од теглата. Покрај тоа во внатрешноста на зелката се создаваат меурчиња воздух кои ја преполнуваат теглата со течност до самиот врв.




Затоа, како што беше напишано и во претходниот рецепт не треба да ги преполнувате теглите до врвот со солилото, ни да ги затворате додека се закисели зелката. За да не ви претече течноста и да се ослободите од меурчињата во теглата, потребно е еднаш до двапати на ден да ја притиснете површината со рака или лажица.




Вака меурчињата ќе излезат на површина и ќе се спушти нивото на водата во теглата. Затоа и теглата не се затвора, туку само се преклопува со тацна. Е сега, за подготовка на сарма, извадете ги листовите од теглата кога ќе стасаат/ќе се закиселат.




Моите листови се уште не се стасани, но јас сум голем љубител на сарма и не можам да дочекам да го подготвам овој вкусен ручек. Вадите онолку листови за сарма колку што ви е потребно, зависи за колку луѓе подготвувате, а доколку извадите повеќе листови, предност е тоа што може да ги вратите во теглата бидејќи лесно се виткаат.




Извадете ги листовите сарма од теглата и ставете ги на поголема цеделка со одоздола поставен сад за да се исцеди течноста. Други потребни состојки што ќе ви требаат се: 3 главици кромид, 1 морков, 5-6 чешниња лук, 100 г ориз, 500 г мелено месо, 300 г димени ребра, 150 г димена сланина, 1 јајце, масло и зачини по потреба.




Постапка: Кромидот ситно исечкајте го како за пржење и изрендајте еден морков. Во тавче на средно-ниска температура ставете малку масло и почекајте да се загрее. Во загреаното масло додајте го кромидот и морковот и оставете да се запржат, да омекнат.




Во меѓувреме исчистете го лукот и ситно исечкајте го, па пред самиот крај на пржењето додајте го ситно сечканиот лук заедно со оризот и оставете да се готви околу 5 минути додека лукот го испушти својот прекрасен мирис. Потоа додајте го меленото месо. Јас користам свинско мелено месо, а вие си ставате по ваш вкус, какво секогаш купувате, телешко, јунешко, мешано..




Месото го готвам кратко, да биде полупржено, за кога ќе го ставам на печење да се доготви до крај. Ако го испржите цело ќе се се исуши и нема да биде толку сочна сармата. Потоа тргнете го филот од рингла и оставете да се олади целосно, па во него додајте го јајцето и измешајте го.

Вака филот ќе биде поцврст, нема да се распаѓа, а вкусот ќе биде уште поубав. Потоа земете едно тенџере, земјено, керамичко и намастете го на дното и по страните. Јас намастив со 1 лажица свинска маст и ја размачкав низ целото тенџере. Потоа на дното се ставаат димените ребра.




Виткање на сармата: Земете еден лист и во него ставете по 1 супена лажица од филот. Завиткајте ја сармата прво по страните, а потоа како ролат. Може да ја виткате и на некој ваш начин. Важно е само да не ги затегате премногу листовите бидејќи оризот може да набабри.

Сармите ги редите во круг во садот и преку димените ребра. Ако некој лист од зелкатга е премногу голем, може да го пресечете на половина и да добиете две сармички. Така редите ги сармичките додека да го наполните тенџерето.

Помеѓу сармите ставете по некое парче димена сланина за уште поубав вкус и прелијте со уште малку вода или со маснотијата која останала во тавчето кај што сте пржеле може да разредите со вода и да прелиете преку сармите.

Може да ставите и некоја тацна одозгора за да ги прицврсти сармите и поклопете со соодветниот капак. Печете на 200 степени, 40 минути до 1 час, во зависност од рерната. 10 минути пред да бидат готови сармите, извадете ја тацната и капакот и оставете да се запечат одозгора уште некое време за да фатат коричка. Деталите од целата постапка погледнете ги во видеото ОВДЕ.