Home Десерти Марокански сочен колач со портокали…за секојдневно уживање со кафе или чај…

Марокански сочен колач со портокали…за секојдневно уживање со кафе или чај…

Фото и рецепт: Mi Zlica – Марокански колач со портокали и бадеми (Мескоута). Ако сте љубител на ориентално слатко-сочни колачи, овој мора да го пробате.

Потребни состојки: 1 портокал – рендана кора и сок од ½ портокал, 115 г путер, 115 г шеќер (јас ставив половина бел и половина кафеав шеќер), 2 јајца, 175 г гриз, 100 г мелени бадеми и 1,5 чајна лажичка прашок за печиво

За прелив: 300 мл сок од портокал (4 помали или 3 поголеми портокали), 130 г шеќер и ¼ чајна лажичка цимет или кардамон.

Постапка: Пенасто изматете го путерот кој претходно омекнал на собна температура, додајте му шеќер и рендана кора од портокал. Убаво измиксајте. Потоа додавајте едно по едно јајце и добро изматете со миксерот додека целосно да се соединат.

Во посебен сад измешајте ги сувите состојки, па постепено додавајте ги во изматениот путер и рачно мешајте со шпатула додека да се изедначи смесата.

На крај додајте сок од половина портокал и повторно добро измешајте, па смесата рамномерно распоредете ја во намастен плех (со путер) со димензии 10х30 см (оној за леб или ролат).

<

Печете во претходно загреана рерна на 180 степени околу половина час. Проверете со чепкалка дали колачот е печен (ако чепкалката е сува кога ќе ја извлечете, значи дека е печен).

Колачот добро избоцкајте го и оставете го да се олади, а потоа прелијте го со врел сируп.

Сирупот се приготвува така што 300 мл сок од портокал заедно со шеќерот и циметот се загрева до вриење, а потоа се намалува температурата и се вари уште 5 минути.

Почекајте сирупот убаво да се впие, најдобро преку цела ноќ, а потоа уживате во овој колач покрај шолја кафе или чај.

Фото и рецепт: Mi Zlica