Оваа година беше родна за кајсиите, па да ги искористиме максимално и да го приготвиме вкусниот џем кој одлично одговара за палачинки, колачи, торти и да се мачка на лепче.

Секој има некој свој рецепт добиен од својата мајка, тетка баба…Секој си има некој свој начин на приготвување. Џемот од кајсии со години го приготвувам онака како што научив од својата баба. Искрено се надевам дека и ќерка ми ќе продолжи да го приготвува на овој начин.

РЕЦЕПТ 1: Потребни состојки: 1 кг шеќер и 600 г исчистени кајсии. Постапка: Кајсиите измијте ги, исчистете ги од семките или од било какви „точки“ или ош.тетувања на нив. Потоа преполовете ги и потопете ги со шеќерот. Оставете ги вака да преноќат, па следниот ден ставете ги на оган да се сварат,

Јас ги варам на силен оган со непрекинато мешање. Според мене џемот е готов оној момент кога ќе повлечам со лажицата по дното на тенџерето, а зад неа ќе остане бела трага, односно ќе се види дното.

Целта на варењето со силен оган е побрзо да се свари џемот и да се сочува убава светла боја. Кога ќе го тргнам тенџерето од оган, мешам уште 20 минути со лажицата за да не се промени бојата.

Потоа додека сè уште е топло ги полнам теглите, ги враќам во рерна и ги потпекувам малку, колку да се фати коричка. Теглите ги редам во соодветна вангличка, ги покривам со ќебе и ги оставам така затоплени додека џемот целосно да се олади и потоа ги редам во шпајз.

Главно готвам во широко тенџере од 10 кг, со тоа што ставам 2,5 кг кајсии и соодветната количина шеќер. оваа количина ја варам приближно 45 минути до еден час – Хелга.

РЕЦЕПТ 2: Потребни состојки: 5 кг зрели кајсии, 1,5 кг шеќер (или на 1 кг кајсии се става по 200-300 г шеќер во зависност од блажината на кајсиите), 1 кесичка конзерванс (може и без)

Постапка: кајсиите убаво се мијат и се чистат од семките. Измешајте ги со шеќерот и добро изг.мечете ги со раце. Ставете ги да се варат со повремено мешање на тивок оган. Џемот се вари 2-3 часа.

Готов е кога ќе повлечете со лажицата и ќе го видите дното на садот. На крајот додајте конзерванс и варете уште неколку минути. Оние што не користат конзерванс нека не го ставаат (без конзерванс се прави стерилизација во рерна).

Варениот џем складирајте го во топли тегли, затворајте ги и веднаш вртете ги наопаку 2-3 минути за да се создаде вакуум. Теглите редете ги во гајба, покријте ги во ќебе и оставете ги до следниот ден додека целосно да изладат.

Прочитајте го и следниот рецепт на Александра Шуманова: како најбрзо и најлесно да приготвите посен и сочен колач со џем од кајсии и ореви.

Посен колач со џем од кајсии и ореви – се топи во уста, брз и едноставен за подготовка

Фото и рецепт: Александра Шуманова
Фото и рецепт: Александра Шуманова

Рецептот за овој многу вкусен посен колач ни го претстави нашата драга членка Александра Шуманова во групата НМД рецепти. Брзо се приготвува, се мешаат сите состојки и додека се пече прекрасно ќе ви замириса кујната.

Потребни состојки: 400 мл вода (може и газирана), 12 лажици шеќер, 20 лажици брашно, 1 прашок за печиво, 1 лажичка сода бикарбона, 8 лажици ореви (4 мелени + 4 сечкани), 4 лажици џем од кајсии

Постапка: сите состојки убаво ги матите со миксер во поголем сад додека да добиете хомогена смеса. На крај ги додавате оревите и промешувате.

Добиената смеса излејте ја во тепсија бр.28 претхоно намастена и побрашнета. Ставете да се пече во загреана рерна на 190 степени околу половина час. Проверете со чепкалка дали е добро печен колачот.

Уште додека е топол печениот колач, штом го извадите од рерна премачкајте го со џем од кајсии преку целата површина и обилно наросете го со сечкани/мелени ореви. / Фото и рецепт: Александра Шуманова