I РЕЦЕПТ – Најбрзиот чоколаден крем на светот само од две состојки (Посно) за торти и колачи. Како што и самиот наслов говори, многу брз и вкусен крем со кој можете да филувате разни торти и колачи. Се надевам дека на многумина ќе им користи за посни слави или за денови на пост.

Можеби на повеќето овој крем им е добрo познат, бидејќи се користи како основа на бројни филови, меѓутоа, еве, нека послужи како потсетник. Потребни состојки: 400 г чоколадо за готвење – посно и 400 мл слатка павлака – растителна.

*Секако, овој крем може да се приготвува и во масна варијатна, доколку користите полномасна слатка павлака и млечно чоколадо.

Постапка: Во соодветен сад ставете ја слатката павлака и загревајте на тивко. Кога ќе започне да испарува, пред зовривање, ставете го чоколадото кое претходно сте го изрендале или искршиле на ситни коцки.

Тргнете го садот од оган или намалете ја температурата на најтивко додека го мешате кремот, зошто не смее да загори.

Мешајте додека чоколадото убаво да се растопи и соедини со павлаката. Кремот се остава на собна температура да се излади, а потоа се става во фрижидер.

Кога убаво ќе излади се мати со миксер на најсилна брзина. Пред да се измати, може да се користи како прелив за торти и колачи, а доколку го изматите, добивате префин крем за филување.

Ова е навистина спас кога немате многу време. Деталите околу подготовката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ. Прочитајте го и следниот рецепт за посен слаткарски крем:

II РЕЦЕПТ – ПОСЕН СЛАТКАРСКИ КРЕМ – Овој крем е многу вкусен и најчесто се користи за филување на принцес крофните и сличните слатки. Може да се јаде и самостојно како крем-пудинг. Се приготвува многу едноставно.

Потребни состојки: 1 литар вода, 300 г шеќер или по вкус, 1 ванилин шеќер, 200 г брашно, 125 г посен маргарин

Постапка: Брашното се разматува убаво во половина литар вода, а остатокот вода (500 мл) се става на оган заедно со шеќерот.

Кога ќе зоврие водата се намалува температурата, па во неа се додава разматеното брашно (без грутчиња) и се меша додека да се свари и згусне како пудинг.

Се остава на страна да се олади целосно, па се соединува со пенасто изматен маргарин. Прочитајте го и третиот рецепт за вкусен слаткарски крем:

III РЕЦЕПТ – СЛАТКАРКИ КРЕМ СО МЛЕКО И ЖОЛЧКИ. Ова е универзален ванила крем кој слаткарите го ставаат во повеќето свои колачи и торти.

Вкусот на овој крем кој се топи во уста е свиленкасто нежен. Пробајте го и уверете се сами, ви го пренесуваме оригиналниот рецепт:

Потребни состојки: 500 мл млеко, 1 стапче ванила (ќе ви биде потребно семето од стапчето), 4 жолчки, 150 г шеќер, 50 г брашно или густин, 1 лист желатин

Постапка: Ставете го млекото на оган да зоврие заедно со ренданите семчиња од ванилата.

По желба ставете и празно стапче кое треба да се извади кога ќе проврие. Ако не го употребите стапчето, истото сомелете го, ставете го во шеќер и ќе добиете домашен ванилин шеќер.

Жолчките пенасто изматете ги со шеќер, па додадете брашно или густин, измешајте да нема грутчиња.

Во тоа ставете малку од зовриеното млеко, добро разматете за да се загреат жолчките, па додадете го остатокот од млекото.

Добро промешајте, па садот вратете на тивок оган и мешајте додека да згусне. Тргнете од оган и додека се лади често промешувајте го за да не фати коричка или прекријте го со проѕирна фолија.

За побрзо ладење, кремот излејте го во поширок сад, раширете го и прекријте со фолија.

За погуст крем, сварениот крем тргнете го од оган малку на страна, па додадете во него желатин, претходно натопен во вода според упатството, па растопен на пареа.

Вака ќе го добиете основниот крем за филување на торти и колачи, а можете по желба и да го збогатите вкусот со додавање на изматена слатка павлака, пенасто изматен путер и растопено чоколадо, како и овошен екстракт.