Ова е омилениот колач на мојот сопруг. Комбинацијата од јатки и суво овошје приготвени на овој начин резултира со еден прекрасен и сочен колач. Од овој рецепт сите се восхитени, осбоено од неговата лесна подготовка и вкусот кој се добива. Може да се приготвува за празници, родендени или како едноставен викенд колач за со кафе и чај.

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: (околу 1 кг разновидно суво овошје) 170 г урми без семка, сечкани, 150 г кандирано цитрусно овошје во различни бои, 170 г суви сливи, 2 портокали, 140 г бело суво грозје, 150 суви цреши или вишни, 140 г темно суво грозје, 170 г сува брусница, 120 мл светол рум

И УШТЕ: 350 г јаткасто овошје (ореви, бадеми, пекани, лешници…), 150 г путер на собна температура, 200 г кафеав шеќер, 100 мл меласа (малтекс, јаворов сируп и сл.), 3 јајца, 200 г брашно, 3 супени лажици какао во прав, 1 лажичка зачин (allspice), 1 лажичка цимет во прав, 1/2 лажичка каранфилче, 1 лажичка морско оревче, 1/2 лажичка кардамом, 1 лажичка ѓумбир, 1 лажичка сода бикарбона, 1/2 лажичка прашок за печиво

ПОСТАПКА: Целото суво овошје исечкајте го ситно. Од еден портокал изрендајте ја кората, а од друг излупете ја со помош на ноже за лупење компири, а потоа ситно изечкајте ја.

Сите состојки ставете ги во едно подлабоко тенџере и прелијте ги со сокот исцеден од двата портокала и 120 мл рум.

Промешајте додека состојките рамномерно да се распоредат, па ставете на тивок оган под капак и гответе додека да ја впијат течноста и омекнат. Оставете на страна целосно да се олади. За тоа време пригответе ги јатките:

Пекан оревите и оревите, ситно исечкајте ги врз даска или во блендер, но внимавајте да не ги сомелите преситно, бидејќи треба да има и крупни парчиња. Лешниците и бадемите (вкупно 150 г) сомелете ги ситно

Во 150 г омекнат путер на собна температура додајте 200 г кафеав шеќер, па пенасто изматете го со миксер. Во денго додајте ја течната меласа (или сируп по ваш избор, може и мед) и повторно изматете додека да се соедини.

Во добиената смеса започнете постепено да додавате едно по едно, вкуспно три јајца. Откако едното ќе се инкорпорира во смесата, дури потоа додајте го следното јајце и повторно изматете со миксерот.

Настрана просејте 200 г брашно, 3 супени лажици какао во прав, 150 г мешавина од мелени лешници и бадеми, како и сите останати зачини (цимет, морско оревче, ѓумбир, кардамом…), прашокот за печиво и сода бикарбоната.

Постепено додавајте ги сувите состојки во мешавината од путер и јајца и мешајте внимателно со лажица или шпатула. Во добиената смеса додајте ги сечканите ореви и изладеното суво овошје.

Промешајте додека рамномерно да се распоредат состојките. Од оваа смеса можете да наполните два калапи за ролати (долгнавести, длабоки за леб).

Калапот обложете го со хартија за печење, па наполнете го со смесата и израмнете. Одозгора декорирајте со ореви и суво грозје, па ставете да се пече во претходно загреана рерна на 140-145 степени околу 1,5 час.

Колачот практично се суши на тивка температура. Потоа покријте го со алуминумска фолија и продолжете со печење уште 1 час.

Печениот колач одозгора натопете го со рум со помош на кујнска четка и оставете го да се лади 10-15 минути.Оставете го целосно да се олади, а потоа уште еднаш премачкјате го со рум.

Колачите завиткајте ги во кујнска хартија или фолија и не заборавајте да ги премачкате со рум 1-2 седмично. После 3-4 недели ќе имате одличен божиќен колач со фантастична арома. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото на Вкусна Минута ОВДЕ.