Многу брз и вкусен колач. Сите состојки се мерат со обична чаша за вода од 200 мл, а  потребните намирници веќе ги имате в кујна. Колачот брзо и многу едноставно се приготвува, а има одличен вкус и мирис. Еве што ви е потребно:

Потребни состојки:

4 јајца
2 шолји шеќер
1 шолја масло
1 шолја млеко
1 шолја гриз
1 шолја остро брашно
2 шолји мелени ореви

За прелив:

500 мл вода
2 шолји шеќер
Се користи шолја од 200 мл

Постапка:

Прво пригответе го сирупот за да има време да излади додека се приготвува колачот. Ставете ги шеќерот и водата на оган, па мешајте додека да зоврие и шеќерот да се растопи. Тргнете го на страна.

Пенасто изматете ги јајцата со шеќерот додека смесата да згусне и да го зголеми волуменот, па додајте ги останатите состојки, прво течните, а на крај и сувите. Тестото треба да биде полутечно, густо и без грутчиња.

Добиената смеса излејте во тепсија со средна големина, претходно намастена и набрашнета, и печете во загреана рерна на 180 степени околу половина час.

Јас направив половина доза, па ми излезе потенка. Значи, каква димензија на тепсија ќе користите, таква дебелина ќе добиете на колачот (поголема – потенок колач, помала – подебел колач).

Врелиот колач прелијте го со сирупот, почекајте малку да излади, па наросете го со мелени ореви и исечете го на парчиња со форма и големина по ваша желба.