МАСТЧИЊА – Кој ги јадел како дете знае колку се вкусни

Потребни состојки за 10 лица:

1 лажица маст

1 прстофат сол

1 прстофат шеќер

1 лимон, сок и кора

200 мл ладна вода

2 јајца + 2 жолчки

50 мл сливова ракија

650 – 700 г брашно

200 – 250 г маст

Шеќер во прав измешан со ванила

Постапка:

Ставете една полна лажица маст, прстофат сол, прстофат шеќер, сок и кора од еден лимон, 200 мл ладна вода, ракија (исклучиво сливова), 2 цели јајца и 2 жолчки. Сето убаво замесете со прсти, па додадете 700 г меко брашно.

Количината на брашното зависи од величината на јајцата и лимонот, но како што веќе е познато, тестото не треба да лепи на раце. Тестото месете го околу 5 минути за да се активира глутенот од брашното и да стане меко, мазно и еластично. Прекријте го со чиста сува крпа и оставете на собна темпеартура околу еден час да одмори.

Во меѓувреме пригответе ја маста: важно е да биде чиста. Се мати добро да стане пенаста и како намаз. Кога тестото ќе биде одморено, развлечете го со оклагија во правоаголник со дебелина од половина центиметар. Рамномерно премачкајте ја кората со маста, па започнете со преклопување.

Прво подолгата страна преклопете ја на половина, па премачкајте со маст.

Потоа пократките страни превиткајте ги до половина и пак премачкајте во тенок слој маст.

Најпосле преклопете го тестото како книга и ставете го на малку набрашнета чинија, прекријте го со крпа и оставете во фрижидер да отстои еден час.

Сето ова мора да се повтори уште двапати, односно тестото треба да биде премачкано трипати и треба да одмора три часа на ладно. Вториот и третиот пат не мора да се сучи толку тенко кората на 5 мм, туку на 1 см за да не се упропастат веќе направените тенки листови.

После третиот час ладење во фрижидер, тестото се развлекува во правоаголник и со остар тенок нож се крои од сите страни – инаку нема убаво да се разлистаат.

Во еден потег исечете го тестото на правоаголници со димензија 5х7 см и на секој во средината ставете по една лажичка џем од сливи (или по вкус), па колачот преклопете го на половина, без притискање, спојување или лепење.

Редете ги на плех обложен со хартија за печење, оставајќи простор помеѓу колачите бидејќи доста ќе нараснат.

Ртерната загрејте ја на 250 степени. На дното од рерната ставете метална чинија или мала шерпа со вода која во текот на печењето ќе испарува и така ќе имитира парна рерна која е идеална за печење на сите видови лиснато тесто.

Колачите се печат во загреана рерна околу 10-15 минути, малку да заруменат, по можност без отворање на рерната.

Печените колачи оставете ги да изладат во плехот, па наросете ги со шеќер во прав и ванила. Кога целонсо ќе изладат можете да ги редете во чинија.

Loading...