Во последно време куркумата го освои светот благодарение на многубројните корисни својства кои ги поседува. Таа се смета за најефективниот хранилив природен лек кој постои, па исто така се нарекува ,,жолтото чудо на природата.”

Дали знаевте дека куркумата ја дава жолтата боја на кари зачинот? Куркумата се користи во Индија илјадници години како зачин, но и како лек. Неодамна, науката започна да го поддржува она што Индијците го користеле долго време, а тоа се лековити својства на куркумата.

Поради својата специфична жолта боја, позната е и под името ”индиски шафран”. Соединенијата во куркумата се нарекуваат куркуминоиди, од кои најважен е куркуминот. Широката употреба на куркумата во традиционалната медицина предизвика значителен интерес за нејзините здравствени придобивки.

Куркумата потекнува од коренот на Curcuma longa, цветно растение од фамилијата ѓумбир. Често се продава во форма на зачин. Меѓутоа, доколку ја купите свежа, изгледа слично на коренот на ѓумбир со поинтензивна жолта до златна боја.

Во Индија, куркумата се користи за лекување на кожни заболувања, дигестивни проблеми и разни болки. Всушност, тоа е главна состојка при лекувањето во Ајурведската медицина. Куркумата содржи голем број растителни супстанции, но една група наречена куркуминоиди, има најголем ефект врз подобрување на човековото здравје.

Три значајни куркуминоиди се куркумин, деметоксикуркумин и бисдеметоксикуркумин. Од нив, куркуминот е најактивен и најкорисен според неговите лековити својства. Куркуминот, кој поседува околу 2-8% од повеќето состојки на куркумата, го дава посебниот мирис и вкус на овој лековит зачин.

Сам по себе, куркуминот е познат по своите антиинфламаторни, антиканцерогени и антиоксидативни својства. Куркумата и куркуминот имаат лековити својства кои обезбедуваат многу здравствени придобивки.

Помагаат во лекување на остеоартритис: Растителните соединенија во куркумата кои го вклучуваат куркуминот имаат способност да го намалат воспалението и на тој начин да ги ублажат симптомите на остеоартритис. Куркумата се покажала ефикасна и во лекувањето на Паркинсонова болест.

Ги намалуваат вишокот килограми: Куркумата и куркуминот може да го инхибираат воспалителниот процес вклучен во дебелината и може да помогнат во регулирањето на телесните масти.

Превенција од срцеви заболувања: Куркумата и куркуминот можат да го намалат „лошиот“ ЛДЛ холестерол и триглицеридите и да го намалат ризикот од срцеви заболувања.

Го спречуваат ризикот од дијабетес: Куркумата и куркуминот можат да го подобрат метаболизмот на шеќерот во крвта и потенцијално да го намалат ризикот од дијабетес.

Го штитат црниот дроб: Една студија спроведена врз стаорци покажа дека екстрактот од куркума и куркуминот се ефикасни против хронично оштетување на црниот дроб помагајќи да се намали штетниот оксидативен стрес.

Спречуваат појава на рак: Иако истражувањето е сè уште во фаза на испитување, досегашните резултати сугерираат дека куркумата и куркуминот можат да ја спречат појавата на канцер.

Антифунгално дејство: Куркумата и куркуминот можат да ги уништат габичните клеточни мембрани, а комбинацијата од куркума и куркумин се користи во правење на лековити масти и мевлеми против кожни габични заболувања.

Антибактериско дејство: Куркумата и куркуминот имаат силно антибактериско дејство. Тие можат да го намалат растот на многу бактерии кои предизвикуваат болести и инфекции во организмот. Двете заедно имаат антимикробно лековито својство. Студиите покажуваат дека од нив може да имаат корист луѓето со срцеви заболувања, остеоартритис и дебелина.

Куркумата може да има некои здравствени придобивки што не се припишуваат на куркуминот. Слично на тоа, една студија открила дека куркумата е подобра во сузбивање на растот на туморските клетки од куркуминот.

Сепак, бидејќи куркумата содржи куркумин, тешко е да се утврди дали куркумата е подобра од куркуминот кога станува збор за лекување на други здравствени состојби. Потребни се повеќе студии кои директно ги споредуваат ефектите на секоја состојка одделно.

Куркуминот може да биде покорисен од куркумата во специфични услови бидејќи тој се смета за најактивна состојка во куркумата. Истражувачите почнаа да ја изолираат куркумата и да испитуваат дали куркуминот може самостојно да има корист во лекувањето на одредени болести.

Докажано е дека има силни антиинфламаторни и антиоксидативни ефекти, а заздравувањето на раните преку неговите антибактериски ефекти има докажана научна поткрепа.

Исто така, откриено е дека и куркумата и куркуминот го намалуваат шеќерот во крвта кај дијабетес тип 2. Сепак, студија спроведена врз животни утврди дека куркуминот е подобар во минимализирање на ризикот од дијабетес отколку куркумата.

Куркуминот специфично ги намалува воспалителните процеси во организмот како факторот интерлеукин 6 (IL-6), кој е клучен придонесувач за појава на дијабетес тип 2. Потребни се дополнителни студии кои ги споредуваат ефектите на куркума и куркумин кај луѓе со дијабетес тип 2.

Исто така докажано е дека куркуминот го намалува ризикот од појава на остеопороза. Една студија спроведена врз животни открила дека стаорците кои добиле екстракти од куркумин ја сочувале коскената маса, додека оние кои имале помало количество додадени куркуминоиди не покажале никаков ефект.

Сепак, куркуминот честопати слабо се апсорбира и може да помине низ дигестивниот систем и да не ги придонесе посакуваните ефекти, а потоа да се исфрли од организмот.

Корисен совет е да додадете малку црн пипер во вашите оброци или додатоци кои содржат куркумин. Супстанцијата во црн пипер наречена пиперин може да ја зголеми биорасположивоста и ефективноста на куркумин за 2.000%.

Посилните антиоксидативни и антиинфламаторни ефекти на куркумин може да имаат корист кај луѓето со дијабетес и остеопороза, но неговата апсорпција може да биде слаба. Комбинирање на куркумин со пиперин во црн пипер може значително да ја подобри апсорпцијата.

Како правилно се консумира куркумата за најдобро да се апсорбира?

Куркумата е растворлива во масло, што значи дека треба да ја комбинирате со некое масло за оптимална апсорпција. Најчесто се комбинира со ладно цедено масло од кокос или маслиново масло. Дневна препорачана доза изнесува од 3 до 10 г, приближно една лажичка.

Најпознат е рецептот на д-р Андерсон: помешајте четвртина чајна лажичка куркума со половина лажичка маслиново масло. Во мешавината додадете прстофат свежо сомелен црн пипер. Овие три состојки помешајте ги во шолја со малку вода или консумирајте ги самостојно.

При избор на куркума и куркумин, важно е да купите формула која е клинички тестирана и докажано дека има добра апсорпција. Во прегледот на артритисот на зглобовите, екстрактите од куркума кои содржат 1 г куркумин покажаа најголема корист по 8-12 недели секојдневно консумирање.

За оние кои сакаат да го намалат холестеролот, 700 мг екстракт од куркума двапати на ден може да помогне. Едно осумнеделно истражување покажа дека 2,4 г куркума во комбинација со семе од нигела го намалува холестеролот, обемот на струкот и воспалението.

Иако истражувањето е контроверзно, една студија спроведена на спортисти открила дека 6 г куркумин и 60 мг пиперин во три поделени дози дневно помогнале да се намали оштетувањето на мускулите по вежбање.

Куркумин се смета за добро толериран и е тестиран во високи дози при консумирање до 12 г на ден.

Сепак, може да предизвика некои несакани ефекти како непријатност во цревата и гадење. Истражувањата покажуваат дека додатоците на куркума или куркумин со 1-6 г куркумин на ден можат да бидат корисни. Во високи дози, може да има несакани ефекти при варењето на храната.

Куркумата е златен зачин што се користи за лекување на воспаленија, бактериски инфекции и дигестивни проблеми илјадници години. И куркумата и куркуминот можат да го намалат воспалението на зглобовите, холестеролот, шеќерот во крвта, како и растот на туморот, габите и бактериите.

Главно се состои од јаглехидрати, претежно скроб и влакна. Сепак, како и сите зачини, куркумата содржи бројни растителни соединенија и хранливи материи.

Дополнително, прашоците од куркума или куркумин обично содржат адитиви, вклучувајќи силициум диоксид. Некои евтини зачини од куркума може да содржат и нелегални адитиви кои не се наведени на етикетите.

Куркуминот ја блокира NF-kB, молекула што патува во јадрата во нашите клетки и ги вклучува гените поврзани со воспалението. Се верува дека NF-kB игра голема улога во многу хронични заболувања. Клучно е дека куркуминот е биоактивна супстанција која се бори против воспалението на молекуларно ниво.

Исто така куркуминот драматично ја зголемува антиоксидантната способност на телото. Оксидативната штета е причина за многу болести причинети од слободните радикали. Слободните радикали имаат тенденција да реагираат со важни органски материи, како што се масни киселини, протеини или ДНК.

Главната причина што антиоксидансите се толку корисни е што тие го штитат вашето тело од слободните радикали. Куркуминот е моќен антиоксиданс кој може да ги неутрализира слободните радикали заради неговата моќна хемиска структура.

Куркуминот на природен начин помага во зајакнувањето на имунолошкиот систем со зголемување на имуномодулаторниот капацитет на организмот во периоди на стрес или за време на сезоната на вируси, за да му помогнете на вашиот имунолошки систем да зајакне. Неколку рецепти кои вклучуваат куркума, може да прочитате ОВДЕ. Текстот за НМД.мк го напиша Мартина Христовска.