Навистина преубави, ровки, ситни колачи кои по вкусот потсетуваат на орасници. Едноставно се приготвуваат, и дома ми ги изедоа половината уште не ми беа споени.

Потребни состојки:

350 г меко брашно

150 г шеќер

1 ванилин шеќер

1 лимон – кора (јас ставив кора од портокал бидејќи немав лимон, и излезе супер)

200 г путер / маргарин

2 жолчки

1 јајце

2 лажици рум (кој нема или не сака, нека ги замени со млеко)

За натопување на колачињата:

2 белки

150 г мелени ореви (во мојот случај блендирани)

За лепење:

100 г чоколадо

2 лажици масло

Постапка:

Путерот мора да биде омекнат на собна температура за убаво да се замеси. Додадете ги сите состојки: брашно, шеќер, ванилин шеќер, кора од лимон, јајце, жолчки и јас додадов млеко зошто моите деца не го сакаат мирисот на рум.

Замесете го тестото. Прво е малку суво, но полека како што го месите путерот ќе се отпушти и убаво ќе се замеси. Кинете мали парчиња и валкајте ги меѓу дланките, со величина нешто поголеми од лешник.

Во еден мал сад ставете ги двете белки, а во друг сад ставете мелени ореви.

Садот со белки наполнете го со топчиња колку што собира, а потоа пренесете ги во мелените ореви и извалкајте ги.

Оревите многу се лепат за прсти, па најдобро е да ги вадите со лажица или штипалка или со друго помагало, а да немате контакт со раце. Значи не ги натопувајте прстите во белка, зошто „лом“ ќе се направите.

Додека ги правите топчињата, вклучете ја рерната да се загрева на 180 степени.

Редете ги намастен плех и ставете да се печат околу 20 минути.

Од оваа мерка излегуваат две полни тепсии од рерна. Печените топчиња оставете да изладат, па спојувајте ги две по две и редете ги на тацна. Може веднаш да се јадат.