Кога треба да направите некој колач на брзина, а да има проверено добар вкус, тогаш кохот е вистинскиот избор. Кох е колач кој се приготвува од гриз и прелив со врело зашеќерено млеко.




Доколку не го сакате кравјото млеко, тогаш можете сами дома да си направите бадемово млеко кое е многу вкусно и здраво, богато со витамини и минерали, особено калциум.




Кохот е евтин колач кој се прави брзо и едноставно, од само неколку состојки. Порано често ни го приготвуваа нашите мајки и баби кога ние бевме деца, бидејќи сите потребни состојки секогаш ги имаа дома.




Речиси не постои човек кој не го сака овој едноставен колач. Направете им го и вие на вашите деца, гарантирано ќе им се допадне. Послужете го добро изладен од фрижидер, па ќе им стане омилената летна слатка.




Потребни состојки за тесто: 6 јајца, 6 лажици шеќер, 7 лажици гриз. Потребни состојки за прелив: 1 литар млеко (кравјо или некое по ваш избор), 20 г ванилин шеќер (2-3 кесички) и 6 лажици шеќер




Постапка: јајцата кои претходно отстојале на собна температура, разделете ги на белки и жолчки во одделни садови. Потоа белките пенасто изматете ги со постепено додавање на шеќерот.




Матете доволно долго додека да добиете цврст и сјаен снег од белки кој не паѓа од лажица. Потоа започнете да ги додавате жолчките, една по една, додека непрекинато матите со миксерот.




На крај додајте го гризот и промешајте со лажицата за да остане смесата пенлива и воздушеста. Откако ќе добиете компактна смеса, истата излејте ја во претходно намастен плех со димензии 20х30 см.




Ставете го колачот да се пече во претходно загреана рерна на 200 степени, па веднаш намалете на 180 степени и печете околу 2о минути додека убаво да зарумени. За тоа време пригответе го преливот:




Во тенџере ставете еден литар млеко, па додајте шест лажици шеќер и 2-3 кесички ванилин шеќер по вкус. Тенџерето ставете го на оган и загревајте додека да зоврие. Од моментот на зовривање варете уште 6-8 минути на умерен оган.




Штом се испече колачот извадете го од рерната и со помош на кутлача рамномерно прелијте го со топлото млеко. Оставете да се олади прво на собна температура, а потоа и во фрижидер. Деталите можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.