Овие едноставни турски погачици („саде погача“) за првпат ги пробав кај едни пријатели од Турција и оттогаш го имам рецептот и многу често ги приготвувам.
Одлични се како печива за појадок и може да се послужуваат со сите можни солени или слатки намази, а особено со свежо сирење.
Турските погачици обично содржат полнење (сирење или нешто по вкус), но, овие немаат и претставуваат неизоставен дел од лепезата на турски печива кои се послужуваат за појадок, заедно со ачните и симитот. пробајте, нема да се покаете.
Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (се мери со чаша од 200 мл): 1 чаша млеко, 1 кесичка сув квасец (10 г), 2 супени лажици шеќер во прав (може и обичен), 2 мали лажички сол, 2 јајца, 125 г маргарин, 1 филџан за кафе масло (75 мл), 6 чаши брашно.
За премачкување 1 жолчка и 50 г сусам за наросување
ПОСТАПКА: Вклучете ја рерната да се загрева на 180 степени некаде кога ќе ги обликувате погачиците или додека тие стасуваат (рерната треба да е добро загреана кога ќе се стават на печење). Омекнете го маргаринот/путерот на собна температура.
Во млако млеко растопете го квасецот и шеќерот во прав. Потоа додајте ги сите останати наведени состојки освен брашното и добро соединете ги со кујнска жица-маталка.
Како мерка користете стандардна чаша од 200 мл и мал филџан за кафе од 75-80 мл.
Кога ќе добиете фино изедначена смеса, започнете постепено да го додавате брашното, малку по малку.
Замесете меко и компактно тесто, па покријте го со проѕирна-стреч фолија и оставете го на топло место да стасува половина час или додека да го удвои волуменот.
Кога тестото убаво ќе ферментира, кинете парчиња со големина на јајце и обликувајте ги во топчиња. Редете ги во плех/тепсија обложена со хартија за печење, и секое топче нежно притиснете го со дланката за малку да се сплосне.
Покријте ги со чиста кујнска крпа и оставете ги 10-15 минути да ферментираат и да го зголемат волуменот, токму додека рерната убаво да се загрее.
Потоа премачкјате ги со една изматена жолчка во која сте додале една лажица млеко или масло и наросете обилно сусам.
Печете ги 20-тина минути или само додека малку да заруменат. Се јадат топли, а можат и да се подгреваат во микробранова печка. Ако ги замрзнувате, најпрво оставете ги да се одмрзнат на собна температура, а потоа сосем малку подгрејте ги.
Освен сусам, можете да наросите и црн ким. Доколку сакате брз рецепт, односно турски погачици без квасец кои се прават за 10 минути, тогаш истиот можете да го прочитате ОВДЕ. Рецепт на „Фантазија за тебе“ / Сооlinarika.сom
БРЗИ ПОГАЧИЦИ СО ПЧЕНКАРНО БРАШНО, МЕКИ КАКО ПАМУК: Без квасец, за 10 минути се готови