Нашите растенија честопати после зимата изгледаат малку безживотно и болежливо. Ниските температури или претоплите простории во кои ги чуваме, често го нарушуваат имунитетот на растенијата и тие се чинат како да боледуваат. Особено чувствителните.

Затоа, кога ќе дојде пролетта, најдобро е да се обидиме да ги прихраниме за да добијат сила повторно да живнат. Наместо да користите различни синтетички хемикалии, на нашите сакани билки можеме да им направете природни ѓубрива кои многу поволно влијаат врз нивното здравје.

Бананите се добро познати по својата висока содржина на калиум, што нам на луѓето ни помага да останеме здрави и да ги добиеме хранливите материи што му се потребни на нашето тело.

Сепак, лушпата од ова вкусно овошје не треба да се фрла, како што прават многумина од нас. Користењето на кората од банана за органско прихранување може да биде од голема важност за растот и развојот на нашите растенија.

Кората на ова овошје содржи многу состојки кои го прават растението здраво. Кората од банана содржи фосфор кој поволно влијае врз цветањето на билката и му овозможува долго и бујно да цвета.

Калиумот им помага на растенијата правилно да се развиваат и растат, а калциумот пак, ги прави посилни и поиздржливи. Кората може да се користи како додаток на повеќе начини.

I НАЧИН: Оставете ја излупената кора да се исуши и да се направи црна. Сушете ја најдобро на сонце и на проветно место. Повремено потребно е да се превртува за да се исуши рамномерно и насекаде. Повремено проверувајте до каде е со сушењето.

Ако сè уште е мека и може да се витка, тогаш не е целосно исушена. Кората е убаво исушена кога лесно се поткршува кога ќе ја фатите со прстите и видно има намалено од килажата. Вака исушените кори од банана ставете ги во аван или во блендер и сомелете ги додека да добиете ситен прав.

Овој прав можете да го наросувате во земата кога ги наводнувате билките, или претходно да го мешате со вода како шејк, па со таа течност да ги полевате вашите билки. Оваа прихрана може да се користи подеднакво и за собни цвеќиња, но и за билки во градината.

II НАЧИН: Откако ќе ја изедете вкусната банана, земете ножички па исечете ја лушпата на ситни парчиња. Сите тие парчиња рамномерно распоредете ги околу билката и закопајте не премногу длабоко. Кората од банана полека ќе се распаѓа и почвата ќе се збогати со минерали неопходни за раст и развој на вашата билка.

III НАЧИН е да направите ферментирано течно ѓубриво со кора од банана. Соберете кори од неколку банани, ситно исечкајте ги со ножици, но и не морате. Ставете ја кората во тегла или шише и дополнете го со вода.

Една поголема или две помали кори од банани одат на еден литар вода. Вака приготвената смеса оставете ја три дена на собна температура со повремено протресување. За посилен концентрат оставете до две недели. После тоа процедете ја течноста.

Имајте во предвид дека кога ќе ја отворите теглата во првиот момент ќе почувствувате непријатна миризба поради испарувањата од ферментирањето на кората, но тоа е нормално и брзо ќе се навикнете.

Течноста може да добие од жолтеникаво-кафеава до кафеаво црна боја. Таа е преполна со минерали кои се неопходни за раст на билките. Со оваа прихрана билките може да се полеваат еднаш неделно. Остатоците од кората можете да ги расфрлате низ бавчата или да ги закопате. За само неколку дена тие сами ќе се разградат.

Ова природно ѓубриво е многу лесно за приготвување, достапно им е на сите и навистина би било штета вакво богатство да завршува во ѓубриво. Бананите се корисни за луѓето, но и за билките. Вашите растенија ќе ви бидат неизмерно благодарни и ќе уживате во нивниот раст и виталност.