Ако ги замениме оревите во рецептот за „обичната“ баклава, ќе добиеме еден не помалку интересен десерт. Ако на тоа додадеме и дека таквиот колач е толку многу вкусен и дека е навистина лесен за подготовка, тогаш е логично зошто рецептот за баклавата со вишни е толку многу баран.

Потребни состојки: 500 г вишни без семки, 500 г готови кори за баклава, 1 чаша (180 г) јогурт, 3/4 чаша масло, 4 јајца, 2 чаши шеќер, 1 кесичка пудинг од ванила, 1 прашок за печиво. За шербет: 200 мл вода, 1 чаша шеќер

Постапка: најпрво треба да го подготвиме филот со кој ќе се премачкуваат корите.

Изматете ги пенасто јајцата со постепено додавање на шеќерот, па додајте го прашокот за пудинг, прашокот за печиво, маслото и јогуртот. Изматете убаво за да добиете изедначена смеса.

Потоа отворете ги корите. Намастете го плехот во кој ќе ја печете баклавата, па поставете дна кора на дното. Малку испрскајте ја со масло, па ставете втора кора врз неа. Оваа кора премачкајте ја со филот и наросете ја со вишни, но не прегусто.

И понатаму продолжете со истиот редослед: кора, фил, кора, фил, вишни, кора, фил, кора, фил, вишни… (Значи фил се става на секоја кора, а вишни на секоја втора втора кора). Редете вака додека да ги потрошите сите состојки, со тоа што треба да завршите со две кори.

Исечете ја баклавата на парчиња по ваш избор, па ставете да се пече во претходно загреана рерна на 180 степени. Кога убаво ќе зарумени баклавата извадете ја од рерната и прелијте ја со претходно сварениот и подизладен шербет, па оставете преливот убаво да се впие. За мерење се користи јогуртна чаша од 180 г.

II РЕЦЕПТ Пита со вишни – во моето семејство е омилена зошто е предобра

Сочна, слатка, прелиена со шербет, оваа пита е за вистински љубители на благото! Мерката на чашата е 180 мл, од јогурт.

Потребни состојки: 1 пакување готови кори, 4 јајца, 1 чаша шеќер, 1 чаша масло, 1 чаша јогурт, 1 чаша гриз, 1 прашок за печиво, 700-800 г вишни. За прелив: 4 чаши вода, 2 чаши шеќер, 1 ванилин шеќер

Постапка: прво пригответе го филот. Јајцата и шеќерот пенасто изматете ги со миксер. Додајте гриз помешан со прашок за печиво, масло и јогурт. Сето заедно изматете ги уште малку додека да се поврзат состојките.

Вишните измијте ги, исчистете ги од семки и исцедете ги од сокот што ќе го пуштат. Корите разделете ги и поделете ги на 6 купчиња по 3 кори. Останатите кори, ако ви преостанат, тргнете ги на страна и искористете ги за нешто друго. Овде ви се потребни само 18 кори за 6 фини и тенки ролатчиња.

Првата кора раширете ја и премачкајте ја со 4-5 лажици фил, втората ставете ја преку неа, ја повторувате постапката и ја редите третата кора. Неа не ја премачкувате со фил туку на еден крај редите вишни.

Направете еден ред густо наредени вишни една до друга за да биде питата богата и убаво тркалезна кога ќе ја свиткате во ролат.

Значи откако ќе ги наредите вишните свиткајте ги корите во тенок и тркалезен ролат лесно притискајќи го и обликувајќи го. Истото повторете го и со останатите кори. Плехот од рерната премачкајте го со малку масло и редете ги ролатите оставајќи мало растојание помеѓу нив. Питата испрскајте ја одозгора со малку масло пред печењето.

Питата печете ја во загреана рерна на 180 степени додека убаво да зарумени одозгора. Мене ми беше потребно околу 15 минути, а вие должината на печењето прилагодете ја според вашата рерна. Извадете ја печената питаод рерна и оставете ја да излади. Ладната пита исечете ја на парчиња и прелијте ја со врел сируп.

За сируп: шеќерот ставете го во шерпа заедно со ванилин шеќер и прелијте со вода, па варете варете додека да проврие повремено мешајќи за да се растопи шеќерот.

Варете 10-тина минути, не треба да биде густо како за баклава. Врелиот сируп прелијте го преку изладената и исечена пита, оставете да излади малку, па послужете. / Coolinarika.com