Здраво на сите, се надевам дека денес сите сте добро. Би сакала и овојпат да ви презентирам еден многу едноставен рецепт за приготвување на брза торта. Во овој рецепт користам растително млеко (од бадеми), но кој сака може да го замени и со обично, кравјо млеко. Оваа торта можете да ја приготвувате во посна или „непосна“ верзија, според вашиот избор на состојки. Еве како јас ја приготвив:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 270 мл бадемово млеко, 80 мл масло, 150 г шеќер, 200 г брашно, 30 г какао, 14 г прашок за печиво, 1 прстофат сол, 100 г црно чоколадо (посно, 80% какао),100 мл течна, слатка растителна павлака.




ПОСТАПКА: Во подлабок сад ставете 270 бадемово (или друг вид на млеко) и додајте прстофат сол, 150 г шеќер, 80 мл масло, па убаво промешајте со жица-маталка додека шеќерот да се растопи и состојките да се соединат.




Потоа започнете постепено да додавате 200 г просеано брашно, 30 г сирово (квалитетно) какао и 14 г прашок за печиво. Добро е сувите состојки да бидат просеани, за да добиете повоздушесто и покомпактно тесто.




Промешајте за да се соединат состојките. Мешајте со жица-маталка околу една минута додека да добиете изедначена, хомогена смеса без грутчиња.




Помал калап за торти со подвижен обрач (18 см) обложете го со хартија (дното), па излејте ја приготвената смеса. Протресете го и потчукнете го малку калапот за да се израмни смесата.




Ставете да се пече во претходно загреана рерна на 180 степени околу половина час (проверете со чепкалка, ако е сува кога ќе ја извадите, значи дека колачот добро се испекол).




Нека не ве загрижува тоа што колачот во текот на печењето може да испу-ка на горната површината. Тоа многу лесно се „покрива“ со чоколадна глазура, или едноставно колачот можете да го превртите наопаку врз чинијата за сервирање.




Кога колачот ќе се олади, извадете го од калапот и отстрнете му ја хартијата. Превртете го и прелијте го одозгора со чоколадна глазура. Глазурата можете да ја приготвите со обично растопување на црно чоколадо со малку масло, а еве го нашиот предлог:




Во еден сад ставете 100 г ситно искршено црно чоколадо и прелијте го со загреана 100 мл растителна слатка (течна) павлака (при загревањето внимавајте да не ви зоврие, бидејќи го менува вкусот).




Промешајте додека чоколадото да се растопи и соедини со павлаката. Глазурата прелијте ја врз тортата, одозгора наросете рендано чоколадо и почекајте да се олади и стегне. Потоа послужете ја. Тортата е многу вкусна и мека. Деталите од постапката погледнете ги во видеото ОВДЕ.