ПИПЕРКИ СО СИРЕЊЕ ВО МАСЛИНОВО МАСЛО: нешто што мора да го имате за зима. Совршена комбинација, а толку едноставна што ќе ја збогати секоја трпеза. Со оваа зимница, може да правите запршки, да макате во неа или едноставно да ја користите за салати.




Што ќе ви посака д ушата, тоа, а од оваа количина излегува доста, една тегла трае и по една седмица. Нема да згрешите ако направите, бидејќи е толку многу едноставно, а превкусно – прсти да излижеш.




Потребни состојки: 300 г сирење по ваш избор, 4 – 5 печени пиперки, 2 чешниња лук, 6 зрна црн пипер, 1 ловоров лист, прстофат сув босилек, прстофат сув рузмарин, 200 мл екстра девствено маслиново масло.




Постапка: Пиперките се печат, па кога малку ќе се подизладат се лупат од кората, исчистени од семките. Потоа се сечат на коцки. Сирењето, одбрано по ваш избор, исто така се сече на коцки, но не премногу ситно за да не се распаѓа. Во еден сад соединете ги пиперките, па зачинете со набројаните зачини.




Лукот излупете го, па исечете го на помали делови и додајте во мешавината. Во чиста, измиена тегла префрлете ги сите состојки, па прелијте со маслиново масло до врвот. Доколку сакате да направите помала количина, намалете ја по ваша желба, а од оваа мерка се добива полна тегла од 700 г.




Прочитајте уште еден рецепт за вкусна зимница која верувам дека многу ќе ви се допадне. ПИПЕРКИ СО ЛУК И МАГДОНОС. Зимницата се подготвува брзо, а оди буквално со секое јадење.




Потребни состојки: 10 кг црвени пиперки (или помалку), 1 литар оцет *, 300 г шеќер, 200 г сол, 1 кесичка конзерванс *. И уште: 2 главици лук и околу 50 г свеж магдонос.




Постапка: Измијте ги пиперките, исушете ги и испечете ги. По печењето ставете ги во сад со капак, да омекнат од пареата за да можат подобро да се излупат. Измешајте го шеќерот и солта добро со оцетот, па додајте конзерванс. Во оваа течност ставете ги излупените пиперки, па оставете ги да отстојат 24 часа.




Следниот ден, наредете ред пиперки во тегли, па наросете сечкан лук и сечкан магдонос, па повторно пиперки и така додека да се исполни целата тегла. Јас ги пополнувам теглите со течноста во која отстојале преку ноќ, а доколку не сакате да користите конзерванс едноставно подгответе си салата по следниот рецепт:




За салата: Откога ќе ги испечете пиперките, врз лукот и магдоносот додајте оцет па сето тоа прелијте го врз пиперките и послужете веднаш. Секако со оваа опција, треба да ја намалите количината на сите состојки. / Coolinarka.com