Колачот е супер, вкусен, лесен и едноставен е за правење. Можете да го приготвувате и за родендени или слави, а за посвечен изглед можете одозгора да го прелиете со овошен сируп, па дури би можело да се декорира и со шлаг. Нам, ваков каков што е едноставен, многу ни е вкусен и често го правиме, понекогаш и со друго овошје.




Потребни состојки за тесто: 4 јајца, 150 г шеќер, рендана кора од еден лимон, 1 прстофат сол, 300 г брашно, половина кесичка прашок за печиво, 200 г путер или маргарин омекнат на собна температура




Потребни состојки за прелив: 250 мл кисела павлака, 50 г шеќер, 2 јајца, 2 кесички ванилин шеќер, 1 полна супена лажица густин. И уште ќе ви биде потребно: 500 г исчистени цреши (вишни или друго овошје), масло за плех+брашно, шеќер во прав за наросување




Постапка: црешите измијте ги убаво, исцедете ги, па исчистете ги од семките. Веднаш вклучете ја рерната да се загрева на 200 степени Целзиусови. За подготовка на тестото: измиксајте ги јајцата со шеќерот додека тој да се растопи.




Во текот на миксањето додајте прстофат сол. Кога смесата ќе згусне и побели, а шеќерот ќе се растопи, додајте ситно изрендана кора од лимон, кој претходно отстојал во раствор со сода бикарбона и убаво сте го измиле.




Во брашното додајте го прашокот за печиво, промешајте го и додајте го во изматените јајца. Во смесата додајте го и изматениот путер исечкан на помали лентички за да може поубаво да се измати.




Добро соединете го тестото кое треба да меко и ровко. Распоредете го во претходно намастен и малку набрашнет калап или плех со димензии 35х27 см или приближно. Израмнете и ставете да се пече во загреаната рерна на 200 степени 10 минути.




Додека тестото се пече, подгответе го преливиот: во посебен сад измешајте го киселото млеко со шеќерот, јајцата, ванилин шеќерот и густинот. Убаво измиксајте додека да добиете изедначена смеса без грутчиња.




После 10 минути извадете го тестото од рерна, распоредете ги врз него црешите или вишните, па одозгора рамномерно прелијте го приготвениот прелив од кисела павлака и густин. Вратете во рерна и допечете уште 25 минути.




Печениот колач извадете го од рерна и оставете го малку да подизлади, па наросете го со шеќер во прав по желба. Можете да направите готов овошен сируп од кесичка или сами да го сварите, па да го прелиете одозгора.




Но, ако ви останат црешните да ви се гледаат на врвот, тогаш изгледа декоративно и нема потреба од дополнително шеќерење. / Масатера / Сооlinarika.com